СЛОУ ФУД ВИКЕНД: ТЕРАСА УТАРНА, ДОМАШНА ХРАНА И ПОГЛЕД ОД ИЛЈАДА ДОЛАРИ

📝Кога се „искачив“ до Terasa Utarna, гостилница која се наоѓа во охридското село Горно Коњско, за чија надморска височина „гугл“ забележува 1.100 метри, си реков: ајде, нека застане времето. Таа широчина, каде и да заталка погледот, длабоко нежно синило, и горе и долу, направија волшепство.

И чувството не е индивидуално- таа личотија ја чуствуваат сите гости што со години ја посетуват оваа Слоу Фуд гостилница.

🏕Погледот од тераса, ретро балконот од дрво, дава чувството на слобода што го има во оваа куќичка- гостилница, стокмена како за гости: носталгична, наредена со носии, едно старо радио, драги спомени, стомниња, газиени лампи, предмети од дедо и прадедо.., трагите на животот, каде по некоја внатрешна интуиција се препознавам

Се што гледам, се е блиску до срцето, трепери со оној занес што го знаат луѓето со иста енергија.

☀️А домаќините, Ирена и Благоја Наумоски на оваа тераса која стопанот ја правел со љубов и со години, го надополнуваат чувството на радост. Сеедно дали ќе се сместите горе или долу, погледот од секаде е импресивен. Масите и столиците, се е од дрво, а ѕидовите од камен се украсени со шарени дребулии и носии. Новото време провоцира да правите селфи, а она другото, моето време, тера да впивате.

Така и приказните, муабетите се надоврзуваат едни на друга, спонтано, најприродно.

🗣- Името на терасата се наметна самото- раскажува Благоја- затоа што селаните местото каде што сме сега, го нарекуваат Утарна. Идејата да направиме нешто на овој наш убав имот ја добивавме постојано, од познати и непознати, луѓе кои што поминувајќи тука, восхитени од глетката ни бараа вода да се освежат. Реализацијата на гостилницата беше во 2015 година, а желбата ни е, сите што ќе дојдат да почувствуваат како живееле нашите дедовци.

🍓 И додека Благоја раскажува, Ирена принесува домашно слатко од јаготки и изворска вода. Таа се надоврзува со она во што е најдобра, во приготвување на храна, а тука е локална и сезонска, бидејќи годишните времиња го диктираат менито.

🗣- Сама правам леб, месам комат, локалната гастрономија се повеќе станува популарна, имаме питулици и ѓомлезе, традиционално готвам и под вршник, на шпорет на дрва, во фурна, па затоа јадењата имаат поинаков вкус.

😋Навистина е така. Вкусовите на детството од оваа рустична и романтична гостилница, секогаш се примамливи: во овој период најбарани се сармички од лозов лист, Ирена ги прави мераклиски, како војници, сите под конец, исти и вкусни.

Популарни се и полнети пиперки, тиквички, модар патлиџан, пинџур, зелени пиперки полнети со домашно сирење: зеленчукот е од селото, тазе, убав и вкусен.

🍞Се израдував кога слушнав дека во секое време има месен леб и домашно сирење со ким, а адут плус се домашни колбаси- лукајнци што самите ги сушат, селско и пушено домашно месо.

🗣-Ја правам и „плескавицата Утарна“- продолжува Ирена – со сланина, печурки и кашкавал, која многу брзо стана многу барана и популарна.

🥮Предизвици на секој чекор, домашен колач, домашна баклава…, нема „конфекција“ во Утарна, човек да се препушти на природата и да ужива во домашните гурманлуци.

⌛️Не знам за другите, но јас мислам дека во оваа гостилница не треба да се брои време: кога ноќта ќе почне да го заведува денот, тој лека полека, и подлегнува на чарите. Баш така. Кога се ќе се смири, се слуша само животот и природата….

Посетете ја Тераса Утарна, почуствувајте го хедонизмот на домашната храна, уживајте во погледот и во сите благодети на Slow Food гостилници.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели