📝Во време кога рибизлите ги красат градините и дворовите, нашите колеги од Slow Food Prilep ни го испратија овој традиционален рецепт за слатко од рибизли – во народот познати како врапчино грозје.
Ова е слатко што со децении се подготвува во прилепските домови и претставува дел од богатото гастрономско наследство на овој крај.
Нкогаш речиси секој двор, бавча или расадник имал по неколку грмушки од ова исклучително здраво овошје.Рибизлата успева во планинските и повисоките предели, каде што свежите денови и студените ноќи ѝ овозможуваат богат вкус и арома.
🥣 И денес многу прилепски домаќинки секое лето подготвуваат слатко и освежителен домашен сок од рибизли, пренесувајќи го рецептот од генерација на генерација.
💪Црвената рибизла (Ribes rubrum), односно врапчиното грозје, припаѓа на род со повеќе од 150 видови и подвидови, меѓу кои има бели, црвени и црни рибизли. Нејзините ситни, проѕирни плодови, што наликуваат на гроздови, имаат пријатен киселкаст вкус и се вистинско богатство од витамини и минерали. Богати се со витамин Ц, но содржат и витамини А, Б1, Б2, Б6 и К, каротеноиди, калциум, фосфор и природни органски киселини.
‼️Интересно е што и по кратка термичка обработка рибизлите задржуваат голем дел од витаминот Ц.
🔺️ За подготовка на слаткото, рибизлата внимателно се чисти зрно по зрно, се отстрануваат петелките, се мие и се остава добро да се исцеди.
Во поширок сад, на тивок оган се топат 1,8 кг шеќер со 250 мл вода. Оваа количина е наменета за 2,6 кг рибизли. Кога шеќерот целосно ќе се растопи, без да карамелизира, се додаваат плодовите. Откако ќе зоврие, слаткото се вари околу 10 минути, колку да се собере пената.
🐌Од СФ Прилеп советуваат дека слаткото не се меша со лажица, туку садот само повремено нежно се протресува.
Не се додаваат други ароми, бидејќи тие би го прикриле природниот мирис на рибизлата.
По варењето, садот се покрива со влажна крпа и се остава целосно да се излади, а потоа слаткото се полни во чисти и стерилизирани теглички.
🧀Слаткото од рибизли е прекрасно кога се служи самостојно, но и во комбинација со сладолед, палачинки или свежо овошје. Особено вкусно е со печени круши и ореви, а одлично се согласува и со полномасни меки сирења, како што се бри, горгонзола, моцарела или домашно овчо сирење.
🍷Во комбинација со зрели овошни црвени вина, како Прокупец, Каберне Совињон, Небиоло, Кјанти, Хиномавро, Поступ и Широки Мелник, создава препознатливо гастрономско доживување.
🌿 Благодарност до Слоу Фуд Прилеп што преку вакви рецепти потсетуваат дека највредните вкусови не се создаваат набрзина, туку се чуваат, се споделуваат и се пренесуваат од генерација на генерација.
Токму во тоа е и суштината на движењето „Слоу Фуд“ – да се зачува локалната храна, традицијата и приказните што стојат зад секој автентичен рецепт.





