СЛОУ ФУД ВИКЕНД: Пансион Кутмичевица – Вевчани – ВКУСОТ НА ВЕВЧАНИ ШТО СЕ ПАМЕТИ

📝Постојат места на кои се оди за да се почувствува крајот, да се запознаат неговите луѓе, да се слушнат приказните и конечно- да се вкуси традицијата што со генерации се пренесува од трпеза на трпеза.

🏠Таква е Кутмичевица во Вевчани – етнопансион и гостилница сместена во стара семејна куќа, стара повеќе од два века, реставрирана со многу љубов, мерак и почит кон автентичната вевчанска архитектура.

Старите материјали, предметите и деталите од некогашниот живот денес се дел од амбиентот во кој се доживува Вевчани на еден поинаков начин.

🔆И, ако куќата е приказната, храната е нејзиниот највкусен јазик.

„Никогаш нема да згрешите доколку менито го направи баба ви“, вели сопственикот на „Кутмичевица“, Настко Богоески – реченица која можеби најдобро ја опишува филозофијата на ова место. Во која нема потреба од непотребно комплицирање на нешто што со генерации било добро- токму затоа што било едноставно, локално и домашно.

🌶На трпезата доаѓаат вкусови што се паметат: пинџур, домашен золеник со пченкарно брашно, зелник, ѓомлезе, вевчански гулаш, домашни колбаси – вевчански луканец, пиперки со лук, качамак, домашни сирења, јадења под сач а за оние што сакаат вистинска гурманска трпеза – и јагнешко печено.

🍅Тука доминира вкусот и мирисот на македонската кујна– свеж сезонски зеленчук, домашни салати, традиционални пити, ајвар и лутенка, производи од локални производители и рецепти што не се само запишани, туку живеат во кујната.

Кутмичевица има и сопствено производство и долгогодишна соработка со локални земјоделци и мали производители од Вевчани и околината.

Од сопствени лозови насади до домашни производи и свежо овошје и зеленчук – идејата е храната да има свое потекло, свој производител и своја приказна.

🐌Инаку, “Кутмичевица” беше меѓу 17-те македонски гостилници избрани за првиот водич „Slow Food гостилници“ и ја доби ознаката „црвен полжав“ на Slow Food International. Критериумите за полжавчето се темелеа на традиционалната подготовка на храната, рецепти карактеристични за микрорегионот, со силен акцент на поврзувањето на угостителството со локалната заедница.

📸Приказната за Кутмичевица стигна и до Торино. Во 2022 година, пансионот беше дел од „Terra Madre Salone del Gusto“, каде што ги претстави вевчанските луканци и пченкарното брашно од вевчанската воденица пред посетители од целиот свет, а истата година пред тамошната публика се промовираше водичот Slow Food гостилници.

🌊А покрај храната, тука е и погледот. Од терасата се отвора широката панорама кон Вевчани, Дримкол и планинските предели, со поглед што стигнува до Јабланица, Охридското Езеро и Пелистер.

🏞Ако планирате Slow Food викенд, Slow Food Macedonia ви ја препорачува Кутмичевица: Вевчани е место што вреди да се стави на гастрономската мапа.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели