📝 Овонеделниот Слоу Фуд рецепт е на Vanja Todorovska, Координатор за комуникации во Slow Food Macedonia, а нејзиниот избор се – заводливи тиквички.
Вања ужива да готви, а полната трпеза секогаш ја доживува како можност за слоу фуд дружба – да се вкуси, сподели и ужива заедно.
Но, што всушност ги прави тиквичките „заводливи“? Што се крие зад овој мал кулинарски флерт? Одговорот, во продолжение, низ нејзината приказна – во прво лице.
🔆 „Летото е мојата лична филозофија на „бавноста“, особено во овој период кога најчесто муабетиме за жештини.
Долгите денови полека се скусуваат – како омилениот фустан по едно предолго вртење во центрифуга.
А јас, токму затоа, деновите од остатокот на најлежерното годишно време сакам да ги трошам полека — на трпеза, со луѓе што ми се блиски, со полни чинии, отворени шишиња и разговори што не завршуваат пред полноќ.
👩🍳 Мојата летна трпеза речиси секогаш има некоја своја приказна. Овојпат на неа е смилевски комат — па, каков би бил мојот избор ако не е смилевски?
Коматот на фотографијата го подготвив со свинска маст, па тестото излезе ровко, кревко и миризливо, како што треба.
Зајрето го направив од блитва, изварка и јајца — едноставно и раскошно во исто време.
До почесната позиција на коматот сакам кога има печени пиперки – во било кое издание, сочна македонска салата со домати, неколку добри- а најсреќна сум кога се тоа -сирењата на Слоу Фуд производители, и мојот фаворит: заводливи тиквички.
💚 Зошто заводливи?
Затоа што на прв поглед се едноставни, речиси тивки. А кога ќе ги вкусите, ве освојуваат со онаа неочекувана игра на солено, благо, мирисно и сочно.
Имаат нешто разиграно во себе, нешто што ве тера да посегнете по уште едно парче, па уште едно…
Процедурата е едноставна: ги сечам тиквичките на подебели тркалца и ги редам во тава. Им додавам по неколку капки масло и малку сол, па ги ставам во рерната, таа да ја заврши својата работа.
Кога ќе заруменат по рабовите и ќе омекнат колку што треба, ги вадам и ги редам на чинија.
Тогаш доаѓа зелениот мирис на свежиот магдонос и остриот, топол здив на толчениот лук.
Ставам по малку од едното, по малку од другото — доволно за тиквичките да добијат карактер.
А потоа доаѓа изненадувањето.
🍯 Медот.
Плиснувам неколку „бранови“ мед, внимателно распоредени преку топлите тиквички, и одеднаш „обичниот“ зеленчук станува нешто сосема поинакво.
Заводлив.
Медот ја заокружува приказната и ја носи токму онаму каде што сакам: во прекрасна рамнотежа меѓу соленото и благото.
🥒 Овие тиквички се за оние што сакаат вкусови со мала тајна, за оние што уживаат кога едноставна состојка ќе изненади со нешто неочекувано.
Поинакви и превкусни.
Утре е недела: соберете се и уживајте во трпезата и муабетите.“
‼️Пробајте ги тиквичките со мед и поделете го вашето искуство.





