Изминатата сабота во Прилеп се одржа настан кој успешно ја надмина класичната саемска форма и прерасна во инспиративна платформа за едукација и развој. Оваа прекрасна синергија беше овозможена преку заедничка и посветена поддршка: МЗШВ и Општина Прилеп застанаа зад изложбено-продажниот дел и техничко-логистичките елементи, додека We Effect ја овозможи реализацијата на клучните едукативни и социјални столбови – панел дискусијата, обуката и посебното детско катче.
Она што овој настан го направи посебно значајно е токму грижата за жените и мајките, кои често се соочени со предизвикот да бидат „сиромашни со време“ и растргнати меѓу семејните обврски и бизнисот:
• 👶 Детско катче за олеснето учество: Со поддршка на We Effect, на настанот беа креирани вистински инклузивни услови. Беше обезбедено посебно детско катче каде што децата беа топло згрижени и преку интерактивни активности едуцирани за храната. Ова им овозможи на сите присутни мајки – и жените производителки кои изложуваа и посетителките – целосно, мирно и рамноправно да се вклучат во панелот и обуките, ослободени од секојдневниот притисок за грижата за децата.
• 📱 Дигитален скок за жените производители: Веднаш по панелот, се реализираше и специјализирана обука за дигитален маркетинг и користење нови технологии наменета токму за жените производители – изложувачи. Преку практични совети и алатки, тие научија како полесно да ги користат социјалните мрежи, да создадат препознатлив бренд и да стигнат директно до купувачите.
Додека, од панел дискусијата произлегоа неколку важни заклучоци:
• 📉 Увозна зависност: Македонија од земја која сама си создава храна се претвори во увозно зависна држава – само во 2025 година потрошивме 1,15 милијарди евра за увоз, додека обработливата земја во последните 35 години е намалена за една четвртина.
• ⚖️ Невидлив столб: Иако жените се клучни во преработката на храна и семејните бизниси, само 8% од жените се лидери во организациите. Потребна е поголема институционална поддршка, решенија за породилното отсуство и подобри услови во руралните средини.
• 🥗 Системска недоследност: Оваа година имаме 30% зголемување на производството на зелка што доведе до драматичен пад на цените, а покрај таквите економски постојат и психолошки циклуси каде земјоделците следната година масовно го сеат она што лани се продавало скапо, без долгорочно државно планирање. Тоа ги става сите во незавидна состојба.
• 🤝 Поддршка за малите производители: Глобализацијата и големите корпорации ги истиснуваат малите земјоделци. Неопходни се колективна свест, здружување, дигитализација и долгорочна државна стратегија која ќе го штити домашниот квалитет.
🔗 Само преку вакви комплетни иницијативи кои ги земаат предвид реалните потреби на производителите на храна, можеме вистински да им овозможиме на руралните жени да ја преземат својата економска улога во општеството!







