Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови. Сончевина во која храната е повод за собирање, дружење, гостопримство и уживање.
👨👩👧👧Кај нас, трпезата отсекогаш била место каде што се раскажувале анегдотите, се пренесувале традициите и се чувала семејната блискост. Нашата кујна е вистинска гастрономска приказна создадена на крстопатот помеѓу цивилизациите, во неа се испреплетуваат старите балкански и словенски традиции, византиското и медитеранското наследство, како и влијанието од вековното османлиско присуство.
Одтаму ни се сармите, тави со мусака, ѓувеч, бурек, ќофтиња, полнети пиперки, пилав.., баклави, тулумби, кадаиф, алва, сутлијаш, турско кафе…, и други вкусови што со генерации ги уживаме и прилагодуваме на наш начин.
🍞🧀Во времето на комитите, секојдневната исхрана на селското население била едноставна: пченкарен или ржан леб, сирење, кромид, матеница, сезонски зеленчук и најспомнуваната- жетварска салата.
Во планинските услови храната морала да биде практична и лесна за носење, а сушените и трајните намирници имале посебна вредност.
Лебот и сирењето биле основа на многу оброци, а гравот и другите варива давале сила во долги и тешки денови.
🌶Натопени во сонце, нашето овошје и зеленчук се највкусни на светот, иако многу од нив патувале долго: пиперка, препознатлива за нашата кујна, пристигнала од Америка, а со тек на време станала една од нашите најголеми гастрономски страсти поради макало, толчени пиперки, ајвар, пинџур, лутеница, пиперки со урда, и што уште не.
🍯И токму тука е убавината на нашата традиција! Знаеме да го искористиме она што ни го дава природата и што е превкусно: домат, кромид, краставици, модри патлиџани, зелка, овошје: во лето ги јадеме пресни а во зима ги чуваме во тегли и буриња.
А со брашно, вода и малку умешност се прави пита, комат, зелник, питулици, ѓомлезе, тури потпечи…., се што мириса на дома и се што го имаме во колективната меморија.
🫘 И денес, во многу македонски семејства, петок мириса на гравче, недела на домашен ручек, а есента на штотуку направена зимница.
Можеби токму тоа е нашето најголемо богатство: сме ја сочувале традицијата и начинот на кој таа се создава, споделува и почитува.
🐌Слоу Фуд Македонија со Слоу Фуд Салонот што ќе се одржи на 28 ноември во хотел Континентал, потсетува дека зад секој автентичен вкус стојат земјата, производителот, традицијата и посветеноста.
Кога ја чуваме локалната храна, ги чуваме и нашите приказни, нашето наследство и иднината на следните генерации.
Ве чекаме да споделиме искуства, во последната сабота во месец ноември.
💪Настанот го организираат Slow Food Vodno и Slow Food Macedonia со финансиска поддршка од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шведска и We Effect.


