Гевгелија – Со прогласувањето на победниците, во саботата, на 20 август 2011 година, заврши традиционалната манифестација Смоквијада 2011 на која годинава беа пријавени рекорден број од 30 учесници-подготвувачи на слатко од смокви.
Првото место, во подготвување слатко од смокви, го освои двојката Драгана Ризова и Дијана Стоилова, втори беа Савка Сулева и Маја Савиќ, додека третото место го поделија две двојки, Виолета Кочева и Лена Колева, како и Каранфила Мурова и Магдалена Чобанова.
Годинава во рамките на манифестацијата, покрај приготвувањето на слатко од смокви, се одржа и саем на традиционална храна и производи, како и богата културно-забавна програма.
Смоквијадата започна со дефиле на сите учесници,, по што следеше
свеченото отворање на Смоквијадата на Градскиот стадион. Манифестацијата за отворена ја прогласи градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов, кој истакна дека од година во година Смоквијадата прераснува во своевиден бренд, а оваа година таа влезе и во агендата на манифестацијата Гевгелија-град на културата.
Паралелно со натпреварот во варење слатко, се одвиваше и Саемот на традиционална храна и производи, на кој учествуваа претставници на сите 11 здруженија на Слоу Фуд (Меѓународна организација за локална храна). Покрај штандовите на домашните здруженија од Осогово, Малеш, Куманово, Поречје, Пелагонија и Гевгелиско-Валандовскиот регион.
на Саемот свој штанд имаа и Слоу Фуд од Белград, како и екипа на “Празникот на тиквите” од Севлиево, Бугарија. Сите тие на поставените штандови пред Градскиот стадион ги претставија своите локални бренд-производи.
Манифестацијата беше збогатена со богата културно забавна програма во која зедоа учество, пеачи, фолклорни групи и ансамбли од Гевгелија и Поречјето, а посебно внимание предизвика настапот на кумановскиот боем Нино Величковски, и гевгелиските кандидати на изборот на Македонски идол.
Превземено од: gevgelija.gov.mk