НОВА МАКЕДОНИЈА: Гурман и гурме не е исто

Прес прегледНОВА МАКЕДОНИЈА: Гурман и гурме не е исто

Сподели

Зборовите се француски (а чии би биле?). Оригинално гурман означувало продавница за вино, а преносно и вински експерт. Но тоа не било означувано како термин за некој што многу јаде. Тоа никако. Напротив овој термин полека се одомаќил како квалификатив за оние што се наклонети кон барање и избирање храна од повисок квалитет, оние што ја познаваат и кои уживаат во неа. Кај Французите овие термини, гурме, па и гурман, се употребуваат за луѓе со истенчено и извежбано непце, за фина храна и за познавачи на комбинирањето на виното со неа.

Терминот гурман се одомаќил уште во 19 век, кога се појавиле водичи за гурмани. Во нив биле посочувани местата со добра храна во Париз. Но немале само позитивно значење. Религиозните толкувачи ги вбројувале гурманите во грешници, а нивната желба за добра храна и пијалак била третирана во рамките на седумте смртни гревови.
Терминот гурме се користел и се користи и во Англија, но само за софистицираните познавачи на храна и вино. Пред сѐ, се однесува на оние што храната ја сакаат и имаат посебен пристап. За нив важи онаа парола „живеам за да јадам“, а не „јадам за да (пре)живеам“. Разликата е очебијна, храната не се сфаќа како неопходност, туку како нешто што го збогатува животот.

За разлика од сфаќањето на терминот гурме кај нас, гурманот, освен префинетоста и желбата за добро јадење, се поврзува и со големо количество храна, што од основа ги менува работите. Гурмето не мора да јаде многу за да ја задоволи својата страст, за гурманот тоа е неизбежно. Гурмето јаде полека, ужива и не мора да проба сѐ што ќе се стави на масата. Гурманот се смета за нереализиран ако не проба (и изеде) сѐ што ќе се извади. Гурмето комбинира, испробува што најмногу одговара за виното што го пие. Тој размислува и комбинира. Гурманот, ако тоа го прави, го прави отпосле, откако ќе се најаде и напие.

Вистинскиот гурме никогаш нема да дозволи да се прејаде или препие, кај гурманите тоа е дел од ритуалот.
Гурме-персоните се зачетници на движењето слоу фуд или бавно јадење. За оваа категорија постојат и специјални гурме-продавници во кои се продаваат избрани специјалитети и зачини.
Да заклучиме: гурме е збор што означува личност со префинет вкус за храна и уште повеќе за некој што е упатен во уметноста на приготвување и консумирање храна.

Во поширока смисла гурме може да означува и ресторан, кујна, јадење или пиење, состојка на врвната кујна, која е и уметнички приготвена, прикажана и сервирана.
Всушност, гурме е културен идеал што упатува на кулинарски артизам со врвни состојки и луѓе упатени во непретенциозното, едноставното уживање во сето тоа.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=731121033118&id=43&prilog=0&setIzdanie=22644

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...