Партнерство за заштита и промоција на македонската храна

Денес, во име на „Слоу Фуд Македонија“, Николче Николовски, претседателот на Националниот одбор и министерот Љупчо Николовски потпишаа Меморандум за соработка помеѓу и „Слоу Фуд Македонија“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. Со меморандумот се договорија да ги здружат силите во заедничка соработката за зачувување на агробиодиверзитетот, унапредување на производствата на храна од мал обем и зачувување на автентични и органски производи, сето тоа во функција на руралниот развој и развојот на гастрономијата и туризмот.

Преку меморандумот ќе се заштитат локалните семиња, овоштарство и лозарство, сточарство, традиционалните производи и примената на ознаки за квалитет. Исто така ќе се работи на зајакнување на свеста за органското производство, маркетинг и промоција на македонската традицонална храна, имплементација на европските регулативи и се друго поврзано со традиционалното производство. Соработката ќе се реализира преку изработка на заеднички проекти, измени и дополнување на закони, правилници и програми, организирање на јавни дебати, студиски посети и друго.

„Македонија е богата со разновидни традицонални земјоделски производи и храна, препознатливи по својот вкус не само на домашниот туку и на странскиот пазар. Поддршката на локалното производство, во голема мера може да влијае врз одржлив и економски развој на руралните подрачја, што крајно ќе влијае и врз подобрување на условите живот. Затоа, како држава, неопходно е да воспоставиме систем на заштита на традицоналното производство и поддршка на локалните производители. Ваков систем на поддршка веќе имаат воспоставено голем број земји членки на Европската унија“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

По овој повод, Николче Николовски на министерот му ја достави Листата со традиционални производи во Република Македонија, на која Слоу Фуд Македонија работеше изминатиот период. Листата со традиционални производи е иницијален чекор во процесот на заштита на традиционалните производи со „ознаки за квалитет“. Имено, врз основа на воспоставената методологија за собирање, обработка и систематизација на добиените податоци, беа мапирани 153 производи, од кои 51 понатаму подетално се истражија и опишаа. Оваа иницијална листа со традиционални производи, претставува основа и модел кој нуди можност за натамошно доградување.

Преку ова партнерство, производителите ќе имаат директна помош да ги афирмираат своите производи, но и да ги унапредат на домашниот и странски пазар. Целта е да поттикне зголемено производство и економски развој, а истовремено промовираат и заштитат квалитетните традиционални земјоделски производи.
Слоу Фуд Македонија претходно склучи Меморандум за соработка и со Агенцијата за храна и ветеринарство. Засега активностите се фокусирани на донесување нов правилник за директна продажба на традиционални и анимални производи во мал обем.

„Слоу Фуд во Македонија веќе 10 години делува со цел да се заштитат и промовираат автентичните македонски прехранбени производи. До денес, на Арката на вкусови се поставени 36 производи од Република Македонија, а се воспоставени 5 Президиуми, асоцијации на производители, кои произведуваат автентични производи, репрезенти на нашата земја на голем број меѓународни саеми за храна“, истакна Слободен Чокревски, член на Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија.

По потпишувањето на меморандумот во холот на Министерството, шеф Дејан Карапеев од Алијансата на готвачи на Слоу фуд, се претстави со своја презентација, со дел од традиционалните производи од Листата, кои присутните имаа можност да ги вкусат.