Горда на своите велешки корени, лидерката на Слоу Фуд Водно, Василка Стефановска, прва се јави на предизвикот #ГотвиСлоу со еден повеќе од сто години стар велешки рецепт.
Приказната ја започнува вака: „Кога ќе се спомене Велес сите веднаш добиваме асоцијација на нивните надалеку позната велешка пастрмајлија. И со право, бидејќи е симбол на велешани, но Велес одамнина изобилува со многу богата гастрономија . Јас денес ќе споделам со вас еден рецепт кој буди во мене убави спомени од детството.
Зима, надвор вее снег, а до мене допира мирис кој ме мами да се симнам во топлата кујна.“
Тоа е мирисот на свежо испечено Ѓозлеме, вистинска провокација за домаќинките да го подготват, а уживање за гурманите.
Едноставно јадење составено од тесто и свинско месо, но со голема мајсторија да се подготви за да се добие препознатливиот вкус. Слоевито, во внатрешноста меко, а однадвор крцкаво. Меѓу слоевите може да се става и сирење, а одозгора задолжително месо.
Потребни состојки:
За тесто:
- 700 гр брашно
- 1 свеж квасец
- 2 лажици зејтин
- 1 лажица сол
- малку шеќер
- топла вода
Фил:
- 180 гр. маст
- 400 гр. свинско месо од вратот ( месото треба да биде ситно исецкано)
- По желба наместо месо може ситно издробено сирење
Начин на подготовка:
- Најпрво се подготвува месото, се соли и се остава во фрижидер.
- Се растопува маста…
- Потоа се подготвува квасецот да се активира, во млака вода, со шеќер.
- Се просејува брашното, се остава малку за месење. Се додава сол, масло, квасец, млака вода и се замесува меко тесто.
- Се остава тестото да „одмори“ 15 минути.
- Потоа се дели на 6 дела, се прават топки и се оставаат покриени, 10 минути.
- Од секоја топка се сука кора во големина на плех број 28.
- Суканата кора, се става врз намастениот плех.
- Врз секоја кора се става растопена маст и парченца од месото ( или сирење).
- Последните кори исто, но на најгорната не се става маст, прво се сече на ромбови, па на секој ромб се става парченца од месото, се притиснува во тестото и се прелива тавата со маст.
- Се пече на 225С околу 20 минути, па се намалува температурата и се продолжува со печење до вкупно времетраење од 40 минути.
- Кога е готова тавата, ѓозлемето се премачкува со маст.

Препорака:
На крај Василка ни порачува: “ Подарете ни рецепти од вашите баби и мајки. Пребарајте ги во изветвените тетратки документирани. Тие ја отсликуваат нашата традиција и култура и нека го видат светлото на денот и нека ја продолжат нашата богата гастрономска култура.“.