Шеф Маре Јаневска, член на Слоу Фуд Водно и Алијансата на готвачи, во својата кујна ни го подготви својот омилен рецепт, наследен од баба Љубица.
„Штом пукне пролет и се размрдува природата, на дофат ни доаѓаат едноставни намирници кои таа ги нуди, но од кои може да се создадат прекрасни јадења со магичен вкус, посебно ако се подготвени со трпение у многу љубов, баш како што ни ги подготвуваше баба Љубица
Убавината на јадењата е во едноставноста и вниманието кое им е посветено. Така и ова едноставно јадење, зазема посебно место во традицијата и воодушевува со својот посебен шмек.“. ~ ни пишува шеф Маре, како надополнување, во меилот во кој беа прикачени рецептот и фотографиите.

Состојки:
- педесет листови штавел,
- 400 грама мелено месо, комбинирано,
- 1 шоља ориз,
- 1 голема главица кромид,
- 4-5 млади кромидчиња,
- 1 младо лукче,
- 1 лажица буковец,
- 1 лажица црвен пипер,
- бибер и сол по вкус.

Подготовка:
- Најпрво е потребно листовите штавел да се исчистат од „жилата“ на дршката, односно треба со нож да се отстрани дебелиот дел од средината, како што е прикажано.
- Потоа, се покиснуваат во ладна вода и добро се мијат.
- На оган се загрева сад со поголема количина вода и кога ке почне да врие, листовите, еден по еден се обаруваат во неа, доволно е 3-5 секунди за еден лист.
- Филот се за почнува со пржење на кромидот, потоа меленото месо и на крај оризот, младиот кромид, лук и зачините.
- Листовите се филуваат со по една мала лажица од филот, се затвораат од двете страни и се виткаат сарми. Се редат во длабок керамички сад.
- Накрај се прелеваат со врела вода, да ги покрие сармите и уште 1 чаша дополнително;
- Сармите се готват во загреана рерна на 200°С, за време од 45-60 минути.

Препорака:
Добро познат партнер на сармите на трпезата е домашното кисело млеко или павлака.
Рецептот лесно може да се адаптира и во „посна варијанта“ со зголемување на количеството на ориз и млад кромид и замена за месото со сецкани ореви.
Споделете го рецептот на шеф Маре, како идеја за ручек во следните денови. #СедиДома #БидиСлоу и испратете ни некој ваш рецепт на: info@slowfood.mk