„Маџун“ – вкус на детството и спомените

НовостиЕдукација„Маџун“ - вкус на детството и спомените

Сподели

„Маџун“, Влада Урошевиќ [Магор, 2019]

Маџунот е гастрономски специјалитет кој е карактеристичен за Тиквешкиот регион во Македонија. Густ сируп кој се добива, во сложен процес на варење на сок од грозје.

Скоро заборавен до неодамна, кога сеуште го подготвува само бабите, за денес да ја доживува својата ренесанса, преку препораките за неговите здравствени придобивки и медумското внимание кое го добива овој производ.

Мирисот и вкусот на маџунот, како и секоја храна, го враќа во детството, секој кој израснал со него, потсетувајќи го на рецептите и слатки задоволства подготвени со него, но и на бројни случки кои се случиле во тоа време. Маџунот е почетната инспирација и за Влада Урошевиќ, да го напише овој роман, за кој ќе рече: „Вкусот на маџунот е нешто што сакав да го обновам во некој амбиент кој го опкружува детето“

Но „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера и роман со исклучително урбан сензибилитет. Во него пишува за дејство кое се случува непосредно пред почетокот на Втората светска војна, во Дебар Маало во Скопје. Атмосферата на една епоха и начинот на видување на светот на едно дете. Во тој свет се судруваат големите настани на историјата со микросветот на едно дете кое ги стекнува првите животни искуства.

Во романот се вметнати сегменти, кои може да се третираат како документи на една епоха и кои треба да го обноват духот на тоа време кај читателот, како на пример лекарски рецепти, пропагандни летоци, реклами и готвачки рецепти.

Напуштањето на семејната куќа, под притисок на воената закана, од своја страна, е прикажано не толку анегдотално, колку ритуално – како вид (и онака неминовна) иницијација, вовед во процесот на одраснувањето, кое, меѓутоа, никако не може да се замисли, ниту оствари без драгоцената поддршка и „асистенција“, токму од притаените, забранетите, невидливите сили и суштества, кои ја населуваат куќата, а особено дворот, како микрокосмос на детето – истражувач.
Суптилните примеси на хумор и духовитост, проткаеноста на четивото со дузина автентични гастрономски рецепти – ја дополнуваат не само приемчивоста на ова дело, туку и самата магија на читањето, кое, денес, е исправено пред толку многу сопернички и љубоморни закани, во напливот и доминацијата на сликата.

Маџун промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата. Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната.
При тоа, како особено забележителна, освежувачка и ефективна раскажувачка постапка се издвојува детскиот поглед на светот, која од своја страна автентично придонесува за очудување на рационално уредената реалност.
Мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија, несомнено го збогатуваат препознатливиот и софистициран раскажувачки стил на авторoт. Високиот степен на култура на јазикот и изразот, се белег на севкупната писателска дарба.

„Не сакам да кажувам дека ‘Маџун’ е мој автобиографски роман, но секако дека има моменти од моето детско искуство“, ќе каже авторот, академик Влада Урошевиќ.

Влада Урошевиќ (1934, Скопје) е македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член на Македонската академија на науките и уметностите, како и на повеќе академии во странство.

Романот е во издание на „Магор“. Задолжително побарајте го во наблиската книжарница или директно од издавачот.

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...