еМагазин: (Фото) Учениците од „Х.Т Карпош“ ќе прават градина во школскиот двор

Учениците од 3а во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош “се вклучија во проектот за правење на училишни градини на здружението „Слоу фуд “.

Во соработка и со здружението „Дијалог “, а предводени од наставничките Анета Павичиќ Аначакова и Силвана Арсова, дечињата засадија расади во саксии кои кога ќе изникнат, ќе ги засадат во училишниот двор, односно на место предвидено за градината.

Координаторката на здружението „Слоу фуд Водно“ Василка Стефановска за „еМагазин“ вели дека идејата е на децата да им се покаже како се садат растенијата.

„Во „Слоу фуд“ тематски е разработено како треба да функционираат училишните градини, кои се постапките на работа што децата на различна возраст треба да ги научат. Погрешно е мислењето дека, училишни градини не треба да има сред град, бидејќи е загадено. Но тие се тука за да не потсетат на еколошкиот момент и да се развива свеста. Ако не можеме да создадеме нешто што ќе го јадеме и ќе направиме салата, барем да ја развиеме свеста кај децата и родителите. Социјализацијата е најважниот момент кај училишната градина. Ние ќе им покажеме како се сади семето, а кога расадот ќе биде готов ќе ја направат нивната градина, која потоа треба да ја залеваат. За време на летниот период, може да се вклучат и родителите и комшиите“, вели Стефановска.

Таа работи во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ каде имаат училишна градина која функционира три години. „Слоу фуд Водно“ пак, е мал дел од големо интернационално семејство „Слоу фуд“ со локација во Италија, а инаку функционира во 160 држави. Во Македонија се регистрирани 10 правни субјекти, но со иста мисија.

„Еден од најголемите проекти е заштита на локалното производство и заштита на автохтоните растенија и животни, заштита на традицијата во исхраната, во начинот на одгледување на културите. Но во големиот број на проекти има место за најмалите и најважните, а тоа се проекти за едукација на вкусови и проектот за училишни градини“, додава таа.

Јасмина Бошевска од здружение „Дијалог“ која го организира познатиот Фестивал на чај вели дека главната порака која на децата им се испраќа е од растение до живот, бидејќи растенијата биле првиот живот на земјата.

„Правењето на градина е благороден момент кој кај децата може да поттикне мисла за здрава храна, за работа“, вели Бошевска.

Потенцира дека од досегашното искуство, жалфијата и лавандата се едни од најотпорните на студовите на зима.

Наставничката Анета Павичиќ Аначкова објаснува дека идејата за вклучување на децата во проектот училишни градини, се родила сосема случајно од една фотографија на Фејсбук.

„На фејсбук-профилот на Бошевска ми се појави фотографија на која мали деца засадуваат зеленчукови растенија и искоментирав дека целата наука односно сите предмети се збрани на едно место, бидејќи се брои, потоа тука е македонски, природни науки. На предлог на Бошевска, а знаејќи и со какви родители си имам работа, дека децата сакаат да им учат и низ практични работи, ја предложив идејата на директорката на училиштето која со воодушевување ја прифати. Ископавме парцела каде што ќе ги засадиме расадите кога ќе изнинкнат и се договоривме дека тоа може да го направат сите други одделенија кои се заинтересирани, и да имаме неколку парцели“, вели Павичиќ Аначкова.

Таа додаде дека земале семенски материја од жалфија, босилок и магдонос но ќе продолжат и понатаму за да знаат децата како се обработува земја, како се прават редови.

„Градината бара грижа и одговорност, а тоа се особини кои кај децата се развиваат само преку работа“, додава наставничката.

Објавено на: 03/03/2018
Медиум: https://emagazin.mk/

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели