7дена.мк: Репортажа „Тера Мадре“- сказна за гурманите од целиот свет

Како ќе ги почуствувате ладните норвешки зими и миризливите африкански лета, опојните чашки вина, британските остриги, португалскиот солен бакалар, зачинет лук од Германица, цејлонски чај, по непристојна цена од евро и пол за кесичка, тартуфите од франција, индонезиските зрна на какао со триење од камен стануваат прав, виски од Шкотска, како ќе патувате преку храна, ако не сте биле на самиот извор, на манифестацијата „Тера Мадре “.

Најпопуларниот, репрезентативниот фестивал посветен на храна, во сите агрегатни состојби, облици и вкусови го имаше 12. Издание, во периодот од 20- 24 септември во Торино.

Тера Мадре Салон дел Густо, централен настан на движењето Слоу Фуд, се случува на две години, а во оваа, 2018-та темата водилка беше „ Храна за промени“, што на некој начин беше и повик за воведување на „бавна храна“ низ целиот свет, особено помеѓу 16 и 22 октомври. Во текот на таа недела, би било убаво да готвите со локални  состојки, да не јадите месо и, да го намалите отпадот од храна, до нула.

Звучи едукативно и човечки,а тоа се и базните постулати на оваа сказна за гурманите од целиот свет.

Тематски целини на настанот, годинава беа- месо, риби, семиња, потоа храна и здравје и пчели и инсекти, и секоја од нив имаше свои активности и презентации.

Вкусовите на светот од сите континенти, поради атрактивноста, квантитетот, а се уверивме и квалитетот, беа презентирани во повеќе сали, придружени со многубројни работилници, дегустации на врвни вина и пива, ама и панел дискусии, каде учествуваа делегати од сите земји. Интересни работи можеа да се слушнат на „ Тера Мадре“, а најчесто цитираниот  е Карло Петрини, новинар и публицист за храна. Основачот на Слоу Фуд, со голем ентузијазам зборување за богатството што го нуди разновидноста на храна, токму поради уникатноста и податокот дека јадењето- не е унифрома.

„Напротив, разновидноста на храната е силна а предизвиците се однесуваат  на климата и на животната средина. Слоу фуд  ја почнува кампања на месото низ цела Европа и САД, а целта е неговото намалување во исхраната, за најмалку 50%, не само поради емисиите  на стакленички гасови, туку и поради здравјето. Италија некогаш консумирше 22 килограми месо по жител, а денеска годишно се консумираат преку 90 килограми. Во САД е уште полошо – тие годишно, по жител трошат повеќе од  120 килограми месо“.

Тера Мадре во Торино беше неколкудневна локација за 160 земји, а меѓу нив и нашата- по шести пат Слоу Фуд Македонија ги презентираше производите и храната од ова поднебје.

Нашата земја имаше ѕвездени моменти за време на презентација на македонската храна, нешто како интеракција со посетителите, кога под водство на шефот Зоран Мајновски, и со колегијална асистенција на Маре Јаневска, Орце Трајковски- Чомбе, и новите готвачки сили на Даниела Лазаревска и Симона Илковска, се подготвуваа нашите препознатливи деликатеси- тетовското гравче, селско месо со лути суви пиперки и праз, дебарско бело овчо сирење (произведено на традиционален начин од Скендер Аме, претседател на здружението на сточари од општина Дебар и центар Жупа), домашен ајвар, пиперки од туршија полнети со урда, домашен леб…Вкусот на традицијата, македонските гурманлаци, привлекоа многу луѓе, а дегустацијата  беше експресна: за еден час се беше изедено.

Инаку, Тера Мадре бележи рекордна посетеност, и во било кој дел од денот и до доцна навечер, вриеше како во кошница. Готвачите со скротени ега, разменуваа кецели и рецепти, либанските и израелските  шефови ја користеа истата кујна, овошје од Калифорнија и Перу го дегустираа скандинавците, на рибарите од Холандија  и Кореа им се погоди муабетот со сточарите од Кениа и Сибир… Руските шефови имаа максимално учество во 33 работилници, хаитски готвачи беа најредовни посетители на италјанските штандови за пармезан, а многу земји храната почнаа да ја третираат како нераскинлив дел од културата и идентитетот, особено Азербејџан, кој тие искуства  ги потврди и како домаќин на Европскиот фестивал.

Најважен меѓународен настан посветен на културата, начинот и производството на добра и чиста храна, собра над 7000 делегати од 160 земји, 1000 излагачи, 500 заедници за храна од мрежата на Тера Мадре, и за сите нив, во огромната импровизирана менза се подготвуваше ручек и вечера со претпознатливата италјанска храна- лазањи, макарони, салати, пармезан, ориз, овошје…

И прес- центарот ги покриваше потребите на сите акредитирани новинари: се работеше турбо, секојдневно се разменуваа искуствата на седмата сила, а за да ни биде пријатно, домаќините се погрижија нудејќи кафе, локалните вина и лесни закуски.

И сето тоа се случуваше на саемот Лингото, во прекрасниот Торино.

Што да се каже за Торино?  Се вљубувате во градот на кралските улици, катедрали, фасцинантни музеи, на прв, втор и трет поглед. Градот на регионот Пиемонте, со околу милион и двеста жители е татко на чоколадо, кафе, ама и на фудбалот(Јувентус), на автомобили (Фиат и Алфа Ромео), на точаци, кучиња како најсакани домашни миленичиња, ве зема во своите закрила нудејќи се без воздршка.

Торино, на италјански значи бик, а симболите на ова животно се наоѓаат и на знамето на градот и како склуптури на многу места. Тука е патентиран еуро кремот, тука се продава Алан форд во боја за 5 евра, можат да се најдат патиките All Star во сите можни бои а во недела се прават редици за сладолед пред  слаткарниците- Гром, Пепино, Нива…Малиот Париз, со живи зелени брегови покрај опеаната река По е и вистински гастрономски гигант и домаќин на „Тера Мадре“. Ништо не е случајно, стокмено е, осмислено и со тенденција да стане-традиција.

Во тоа име, аривидерчи до 2020 година! (Вања Тодоровска)

Објавено на: 29/09/2018
Медиум: https://7dena.mk/

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели