До
Средства за јавно информирање
во Република Македонија
Минатата недела во Турс, Франција се одржа второто издание на „Еуро Густо“, европскиот Слоу Фуд биенален саем посветен на вкусот, биолошката разновидност и култура на храна. Негова главна цел беше спојување на задоволството на трпезата и одговорната потрошувачка на храна. Настанот беше домаќин на широк спектар на активности, од презентација и промоции на производители, конференции со теми поврзани со храната, работилници за вкус до едукативни активности за деца.
На саемот беа присутни европски производители со нивните производи, од Шведска до Сицилија, од Шпанија до Романија.
Меѓу земјите кои се преставија беше и Република Македонија преку локалната ,,Слоу Фуд мрежа”, каде се преставија двата македонски президиуми (производи под заштита на ,,Слоу Фуд”), така што нашите производители имаа можност да ги споделат своите производи: ,,Слаткото од диви смокви од президиумот во југо-источна Македонија” и ,,Галичкиот кашкавал и сирење од президиумот на сирења од Мавровско-реканскиот Регион”.
Производите беа одлично претставени, благодарение на одличната соработка на македонската Слоу Фуд организација со организаторите на „Еуро Густо“. Македонските вкусови беа одлично оценети од изострениот вкус на префиниетите Французи, кои уживајќи ги коментираа како нешто ново и уникатно, заинтересирувајќи се повеќе да научат или да ја посетат Македонија. Во текот на трите дена саемот го посетија околу 20.000 посетители.
Беше одржана и конференција на европските лидери на ,,Слоу Фуд”, со главна тема иднината на организацијата, нејзиниот развој и нејзиното активно вклучување во актуелните прашања поврзани со храната на глобално ниво. На неа учество и придонес во дискусијата зеде и македонска делегација составена од Николче Николовски, национален координатор на Слоу Фуд мрежата во Република Македонија и Антигона Костадинова, конвивиум лидер на ,,Слоу Фуд Тера Гевгелија”.
Во текот на ,,Еуро Густо” беа остварени бројни контакти од кои се надеваме дека ќе произлезат конкретни соработки и реализација на заеднички идеи и проекти.
Повеќе на: www.eurogusto.org
Николче Николовски,
национален координатор на Слоу Фуд
мрежата во Република Македонија