Добредојде за „Полжавче“

НовостиКонвивијалноДобредојде за „Полжавче“

Сподели

Промоција на најмалото чедо на Слоу Фуд Македонија

Семето на минатото е цвет на иднината. Оваа оваа мисла најдлабоко ја покажува суштината на Слоу Фуд, но и на новото списание „Полжавче“.

Создавањето на ова списание е сеење на семето на љубовта за од него да никнат вистински луѓе што веруваат во вистинските вредности за добра, чиста и правична храна, луѓе што ќе знаат да произведат таква храна, да ја подготват, да ја споделат и да знаат дека храната е и задоволување на физичките потреби, но и култура на живеење, традиција, естетика, задоволство и љубов.

„Полжавче“ им се обраќа на наставниците, на координаторите на училишните градини, на сите оние што веруваат во мисијата и во важноста на училишните активности на Слоу Фуд Македонија, на родителите и на сите оние на кои им е важна среќата на децата, па оттука на еден или на друг начин, директно или индиректно „Полжавче“ постои за иднината на овој свет-за децата. Наспроти сè брзо што ни се случува во светот, нашето полжавче е бавно, но токму заради тоа успева на вистински начин да ги осознае работите и да ужива во благодетите на животот. Затоа нашето полжавче е среќно и токму тоа ќе ве води низ интересните содржини. Полека, смирено, посветено и сконцентрирано. „Полжавче“ се креираше со многу љубов и посветност и во неговото создавање се вклучија низа стручњаци од различни области кои за вас пишуваа на различни теми.

Освен од членството од конвивиумите на Слоу Фуд Македонија, поддршка добивме и од нашите пријатели од Италија, Романија, Африка, а тоа нè прави среќни и ветуваме дека и натаму ќе бидеме отворени кон светот, ќе мислиме глобално и ќе делуваме локално. Честитки и поддршка добивме и од професионалци кои не се директно вклучени во Слоу Фуд, но ја вреднуваат нашата работа и бескрајно го поддржуваат ова списание. На сите им сме благодарни за тоа.

Ве покануваме на онлајн промоција на првото издание на списанието „Полжавче“ што ќе се случи на 24 декември од 18.00 часот преку апликацијата zoom.  Ова е последен онлајн настан на Слоу Фуд Македонија за 2020 година и е пред почетокот на празнувањата, па затоа нашата идеја е веслото расположение да почне порано за да трае подолго.

Учесници:

  • Василка Стефановска, лидер на Слоу Фуд Водно, член на НО на Слоу Фуд Македонија
  • Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава и член на Слоу Фуд Прилеп
  • Тодорка Наумоска Димески, нутриционист, блогер за храна и лидер на Слоу Фуд Прилеп
  • Валентина Ѓорѓиевска Парго, новинар и екологист
  • Андријана Јаневска,  естрадна уметница, професорка и виолинистка
  • Бобан Симоновски, готвач, член на Слоу Фуд Алијанса на готвачи
  • Катерина Јордановска, проектен асистент во Слоу Фуд училишни градини
  • Ученици од ООУ „Блаже Конески“- Прилеп чии ликовни и литературни творби се застапени во списанието „Полжавче“, директорката на училиштето
  • Ангелка Баракоска, директор на  ООУ „Блаже Конески“- Прилеп
  • Христина Мирческа, наставничка во  ООУ „Блаже Конески“, координатор за училишната градина

Модератор: Филип Димкоски, уредник на „Полжавче“, член на Слоу Фуд Прилеп

Земете чаша сок, чај или вино, земете нешто за грицкање, удобно седнете, покријте се со ќебенце и вклучете се на Zoom или на нашата Facebook страница. Ќе зборуваме, ќе пееме, ќе свириме и ќе рецитираме. Токму затоа, поканети се сите кои сакаат деца, кои сакаат музика, шеги и убави зборови. Понесете ведрина и повелете на дружба.

Пријавување на учесници: slowfood.macedonia@gmail.com (најдоцна до четврток 24.12 2020, до 16 часот)

MOEPP-logo

Издавач на списанието е Слоу Фуд Македонија, а неговото печатење е поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на проектот  „Зелен полигон за едукација, алатка за јакнење на еколошката свест“ кој го реализира Слоу Фуд Водно, Скопје.

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...