Слоу Фуд Прилеп ја започна својата активност за одбележување на Денот на пчелите, кој веќе традиционално се одбележува на 20 мај.
На прилепските основни училишта ,,Кочо Рацин”, ,,Кире Гаврилоски- Јане“, ,,Блаже Конески” и ,,Климент Охридски” кои се дел од проектот Слоу Фуд Училишни градини, им се доделуваат по пет садници сончоглед да ги засадат во училишните градини кои се во прва фаза од проектот.
Садниците се одгледани од семе, од нашиот член Филип Димкоски кој е асистент на проектот ,,Училишни градини-зелен полигон на едукација” кој го спроведува Слоу Фуд Водно.
Слоу Фуд Прилеп во соработка со Клубот на писатели ,,Коста Солев Рацин” од Велес, на споменатите училишта и на ОУ ,,Страшо Пинџур” од с. Мало Коњари, им додели по еден примерок од книгата од група македонски поети во чест на стогодишнината од раѓањето на великиот Блаже Конески.
Сончогледот е култура која не само што ја разубавува градината и и дава светлост, туку е и важна индустриска култура од која се добива масло, но е многу важен и како храна за пчелите. Пчелите се чести гости на жолтите, крупни, сончогледови цветови.