Првото издание на „Слоу фуд салон 2019“, настан посветен на автентичните вкусови и на висококвалитетната храна и пијалаци, во организација на „Слоу Фуд Македонија“, се одржа на 18 и 19 октомври во хотелот „Александар палас“.
На „Слоу фуд салон 2019“, настан што се одржа првпат, производителите имаа можност да ги изложат и продаваат своите производи и лично да им ги раскажат приказните на посетителите, кои се информираа и едуцираа од прва рака, но и ја дегустираа добрата, чиста и правична храна.
Инспирација за првиот „Слоу Фуд салон“ во земјава ни беше искуството што го стекнавме во изминатите 10 години со учество и организација на македонската делегација на големиот настан „Тера мадре салоне дел густо“, кој секоја втора година се одржува во Торино, Италија. Исто така, бевме инспирирани и од потребата што ја имаат нашите производители за промоција и презентација, во услови кога немаме саем за храна и земјоделство или посебен салон наменет за малите производители. На крај, салонот беше и потреба за да се презентира работата на „Слоу фуд“ во Македонија, преку бројните иницијативи и проекти, како и мобилизацијата на голем број локални производители во нашите конвивиуми, вели за InStore Николче Николовски, претседател на национал[1]ниот одбор на „Слоу фуд Македонија“.
Настанот, кој се промовира и одржа под мотото „Храната е движење“, според Николовски, ги потенцира важноста и улогата што храната ги има денес, од нутритивен, економски, еколошки и културен аспект. Целта ни беше да ги промовираме малите производители на висококвалитетни производи, кои треба да ја валоризираат вредноста преку своето знаење и труд. Но, истовреме[1]но и да ги едуцираме консументите да избираат квалитетна храна и да ја поддржуваат локалната економија и заштита на животната средина. Преку настанот сите заедно сакаме да дадеме поттик за креирање позитивна клима за опстојување и развој на малите производства, како и збогатување
на понудата на производи на пазарот, истакнува тој.
На „Слоу фуд салон 2019“ се претставија повеќе од 70 производители, организирани во неколку сегменти – храна, мали винарници, занаетчиски производители на пиво и даватели на туристички услуги (агротуризам, ресторани со локална храна и специјалитети).
Според Николовски, настанот ја остварил мисијата што била поставена за првото издание. Сакавме да ги придвижиме сите чинители да обрнат повеќе внимание на овие производители – тие можат да ја збогатат понудата и храната со нивните разновидни и квалитетни производи. Консументите би
имале поголем избор на храна, а тие економски би зајакнале и би придонеле за руралниот развој на нашата земја со поголемо социјално интегрирање на локалните заедници, културно издигнување и градење на јавната свест, вели тој и додава дека тие процеси би почнале доколку институциите донесат флексибилни регулативи за нивно функционирање, политики за поддршка на производството и овозможување пристап до пазарот за пласман на производите.
За крај, Николовски вели дека веќе се сумирани впечатоците од првото издание и се собираат идеи за второто издание догодина, кое се надева дека ќе биде уште подобро организирано и со поголема понуда на производи и други содржини. Со првото издание веќе го поставивме концептот на настанот, а сега треба да работиме на негова промоција и да им овозможиме на повеќе производители да се презентираат. Во следното издание планираме да организираме повеќе работилници, дегустации, едукација за храна за возрасните и најмладите, готвење во живо со Алијансата на готвачи во „Слоу фуд“. Имаме многу идеи, имаме многу што да понудиме, имаме време да се организираме.
Нè очекува работа, заклучува тој.


