Се обидуваме да влијаеме и на подигање на свеста и на намалување на алчноста да се купува

„Полесно ми е да си направам леб, отколку да одам до продавница и да си купам“, Драгица Христова © Aрткујна

Долгогодишен новинар и уредник на порталот Арткујна, каде може да најдете голем број на натписи посветени на храната, луѓето поврзани со неа и информации за голем број на настани и иницијативи од областа на гастрономијата. Преку ова интервју ви ја претставуваме уредничката Драгица Христова, редовен поддржувач на сите активности на Слоу Фуд во Македонија.

И таа, во име на порталот чиј оснивач е Билјана Илиќ Героска, го прифати предизвикот #ПосенПеток и редовно се вклучува со свои рецепти кои ги објавува на порталот.

Како е да се биде уредник на портал за храна? Што значи тоа за вас лично?

Да ми кажеше некој пред 10 години дека ќе работам за портал специјализиран за храна, па уште и дека, меѓудругото, ќе објавувам и свои рецепти, немаше да верувам. Ама затоа сега можам со задоволство да кажам дека ниту една претходна работа (новинар во културна рубрика, политички новинар, па дури и уредник на внатрешно-политичка рубрика во еден дневен весник, па новинар во лајф-стајл магазин, итн), не ме исполнувала и не ме радувала толку многу како оваа.

Немаше да ми се верува дека еден ден ќе ми биде полесно да си направам леб, да го сликам, да ги ставам фотографијата и рецептот на порталот и да бројам лајкови, отколку да одам до продавница и да си купам. Особено ако се земе предвид дека во средно незнаев ни јајце да испржам.

„Ниту една претходна работа, не ме исполнувала и не ме радувала толку многу како оваа“, Драгица Христова © Арткујна

Колку е важна денес храната во животот на луѓето? Кои се вашите читатели?

Кога гледам од тој аспект, имено, дека луѓето никогаш не биле толку преокупирани со храната, со готвењето, а особено со т.н.здрава храна и особено со фотографирање на истата, тогаш ниту моето чувство за кое зборував претходно, не е толку за чудење. Ете и мене, како и сите други, ме обземала оваа ‘гастроманија’.

Јас не се сеќавам дека порано сме биле толку преокупирани со храна, таа едноставно била дел од нашиот живот, и тоа онаа домашната, готвена, наша традиционална. Денеска сме сите преоптоварени со многубројни теории за правилна и здрава исхрана, со различни концепти за здрава храна, сите зборуваат за тоа што треба да се јаде, а што не, се натпреваруваме кој поубава фотографија ќе направи од денешниот ручек, и упорно трагаме по некој универзален рецепт за здрава исхрана. Накусо, храната денеска е најважна. Можеби затоа што ни е страв дека откако не преплавија најразлични намирници и производи од цел свет, почнавме да го забораваме вкусот на вистинската храна, онаа од нашето детство. Мислам дека нашите читатели, според реакциите кои ги добиваме, освен што се големи гастрољупци, се и наши истомисленици, луѓе кои сметаат дека е најдобро да се сконцентрираме, пред сѐ, на храната од нашето поднебје. Го знам ова затоа што најмногу лајкови добиваме токму за оние текстови кои се однесуваат на наједноставните и добро познати намирници од нашето поднебје, како и за нашите стари традиционални рецепти кои се прават со нив. Секако, имаме добар одзив и за оние текстови кои промовираат некои нови необични или трендовски вкусови, но сепак мислам дека секогаш им даваат предност на првиве.

„Еден од новите трендови кај потрошувачите е размислувањето за бројот на калории, полека да почнат да го заменуваат со размислување за квалитетот и потеклото на намирниците што ги купуваат“, Драгица Христова © Aрткујна

Кои пораки им ги пренесувате?

Па се надевам оние вистинските во секој поглед бидејќи нашата мисија е малку поширока од она што ќе го ставиме денеска на трпезата. Пишуваме за придобивките и штетите од она што го јадеме, за намалување на гладта во светот, за одржливите системи за храна, за ублажување, но и прилагодување кон климатските промени, за намалување на отпадот и загубата на храна, за рециклирање, за зачувување на природата, итн. Се обидуваме да влијаеме и на подигање на свеста и на намалување на алчноста да се купува и повеќе од што е потребно, односно намалување на конзумеризмот.

Дали медиумите, блогерите и инстаграмџиите можат да влијаат на креирање на новите трендови во гастрономијата и навиките што да се консумира?

Секако. Но, со оглед на тоа што денеска сите зборуваат за храна, често и целосни бесмислици, не е добро да се прифаќа здраво за готово се што ќе се прочита или ќе се види. Имено, и ние, медиумите, и блогерите и инстаграмџиите, не сме медицински лица, па сите оние „храната е лек“ текстови, треба да се земаат со резерва. Значи, ништо од тоа што сме го напишале за здравствените придобивки на некоја намирница нема да им наштети, но не може да ги замени лекарските препораки и совети.

А трендови има многу и како и во секоја друга област, така и кога станува збор за храна, секоја година носи со себе  и некои нови трендови…

Забележувам и мислам дека е тоа токму под влијание на медиумите, дека еден од новите трендови кај потрошувачите, е размислувањето за бројот на калории, полека да почнат да го заменуваат со размислување за квалитетот и потеклото на намирниците што ги купуваат.

Зошто се приклучивте како медиум во предизвикот #ПосенПеток?

Затоа што имаме исти цели, и ние како медиум сакаме да влијаеме на  јакнење на јавната свест за прашањето на климатските промени и нивната поврзаност со храната што ја произведуваме и консумираме. А во петок и онака кај мене дома се постеше порано, па зошто да не ја обновиме оваа навика. Ова е добар пример за тоа како треба да изгледаат нашите оброци, скромни, едноставни, одржливи и здрави и за нас и за целата планета. Барем мислам дека поентата е во таквите оброци, а не во правење посни гозби од 3-4 јадења.

Што е тоа што ве импресионира од оваа кампања?

Кога ќе размислам, во кампањата импресионира токму едноставноста. Обично едноставното е и најдобро, а оваа кампања само покажува дека и здрава храна и за нас и за планетата е токму онаа наједноставната, онаа што ни е секогаш на дофат, онаа што ни ја спремила природата, а не фабриките.

Дали сметате дека здружени заедно може да направиме промени?

Очигледно можеме, а голем дел од промените веќе се случуваат. Нели е веќе некаква промена на пример, тоа што младиот Давид Неделковски стана козар и освои еден куп луѓе со својот начин на живот и со своите природни и здрави производи. Поради него и таквите како него, веќе не важи онаа позната реченица што порано ја кажуваа родителите – учи за да не бидеш овчар/козар!

Или пак, нели е промена она што го направи Нацо Јовчевски, кој наместо да замине во град, си остана во родното Дихово и создаде успешна бизнис и семејна приказна со своите вредни пчели. Или маестро Пеце Клечкароски , и неговите фантастични намази од јаткасти плодови и здрави семиња, како и првата занаетчиски произведена чоколада во Македонија, или Игор Поповски и неговите сирења и кашкавали направени од неговото овчо и кравјото млеко од првиот комшија, па Сашо Стојчески  и неговото семејство со сите иновативни производи со најмиризливите тартуфи по кој трага нивниот Лео, или симпатичната Наташа Неданоска и нејзината традиционална храна, или братот и сестрата Петрушевски од „Зелената република“ и многу други знајни и незнајни вредни луѓе кои живеат во хармонија со природата и прават производи со срце.

Дали сметате дека организациите и медиумите треба заеднички и координирано да делуваат, особено денес во време на бројни предизвици со нашата храна?

Нашиот принцип на работа е таков. Ние сме поддржувачи на организации со кои се наоѓаме на иста бранова должина. Токму затоа сме секогаш тука и за Слоу фуд, и за АРНО (Асоцијацијата за развој на нови опции на нашата пријателка Ирина Јаневска), и за „Суниленс“, првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење, и за граѓанските иницијативи за намалување на отпадот од храна, и за сите оние чија цел е да го прошират фокусот на граѓанската свест.

Порака за сите членови и следбеници на Слоу Фуд?

Продолжете со вашата и нашата мисија. И давајте ни нови предизвици. #ПоснаСреда?

Предлог рецепт на Драгица за #ПосенПеток:Најубавите шест црвени пиперки. 

Интервјуто го водеше: Билјана Митревска, СФММ