ФОКУС: Богатство во чаша за љубителите на вино

Винскиот салон на Slow Food Macedonia, ја направи Битола значајна точка на глобалната винска сцена со овој настан. Винските салони ширум светот се едни од најугледните настани, смотри на избрани врвни домашни винарии, некаде и странски….репрезентативен пресек на она што се случува на винската сцена на секоја држава.

А во Битола, овој викенд се одржа третиот по ред Вински салон кој е дел од проектот Slow Wine Macedonia.

Почна ден порано, со промоција на водичот Slow Wine 2021 на Ивана Симјановска во кино „Манаки“, каде што се одржа и проекција на филмот “Момчињата од Бароло”.

Вториот ден, локацијата беше Офицерскиот дом во Битола…..исклучително архитектонско здание, неодамна комплетно реконструирано, а овој пат преполно со вина.
Ваквиот настан, на една ваква локација е потврда дека може на светот да испратиме разгледници за врвна винска култура и од Македонија.

Префинета, а лежерна атмосфера со завидна селекција на излагачи, во организација на Slow Food Macedonia, со што конечно ставаме свое знаме на светската карта на вински големи настани.

25 винарии, 5 дестилерии, 15 производители на храна…
Едно динамично движење, кое е сѐ попупуларно во светот под заедничкиот именител на SLOW.

Изложените вина, стручните разговори и самата атмосфера се всушност нуклеус на еден совршено замислен вински настан. А организаторот Slow Food Macedonia, тоа одлично го знае.

Многу познати етикети на македонските бутик винарии, некои и сосем нови….некои со многу награди, стилски сите различни, оригинални со квалитет… за кој долго ќе се разговара.

И автохтони вина и пријатни изненадувања на славните сорти, купажи направени во стилови кои се во чекор со новото време на виното гледано глобално….

Атмосферата на винскиот салон во Битола е само јасна трага на она што организаторите го имаа како визија. Овој прв настан од ваков тип, во Битола е само потврда во кој правец оваа приакзна ќе се развива.

Видовме некои винарии кои се заслужни за препородот на малите винарии во Македонија. Дегустиравме и вина кои се по дефиниција предизвик за покажување и докажување помеѓу винарите.
Имаше сериозни приказни во чаша кои заслужија наздравување помеѓу добрите познавачи на виното.

Во Офицерскиот дом, сè некој убав и насмеан свет, огромен бран на добро расположение, оптимизам, елеганција, човечност и бон тон….

Македонија каква што помалку заборавивме дека постои.

Хедонистичка фешта каде што се прави мал огномент на вкусови и ароми, со музика од класиките на Чајковски до новите правци на џезот.

Звук на чаши кои се допираат меѓусебно и жагор на големи и мали посетители кои ја направија златната рамка на овој несекојдневен….и сега веќе без дилема, најпопуларен и најотмен вински настан тука.

Сите, конечно по овој настан ќе посакаат да ги испробаат автентичните вина, кои немаат печат од големите винарии, што е всушност и целта на Slow Wine движењето.

Вински скапоцености во чаша, а излагачите тек-тук имаат неколку минути да издишат пред да се сретнат со новата група на љубопитни љубители на вино.

Вакви приказни никогаш не се комплетни, ако не ги следи и добра програма, за што организаторот се имаше погрижено. Па така, кога зборуваме за Slow Food Macedonija, посебно поглавје има храната од нивните омилени производители, кои беа одличен спаринг партнер на настанот.

Македонија има винска сцена, која е во голем залет, што овој Вински салон во Битола, јасно го покажа.

Ако може да се заклучи нешто на крај….е констатацијата дека ни короната не успеа да го запре винското искачување на македонските мали винарии во последните две години.

Приказната продолжува…..