Риба на кромид

Моето прикажување на одреден рецепт не се базира само на едноставен „протокол” на приготвувањето. Секогаш поаѓам од идејата  да истакнам дека  во современото бурно живеење, приготвувањето на храната може да  се врши бавно и секако, правилно и дека бавниот начин на приготвување на храна всушност е најбрзиот и најблагодарниот избор на жената во современието.

Всушност модерните апарати, приборот и современите услови во кујната овозможуваат подготовката да ја правиме многу побрзо и поефикасно, па традиционалните рецепти да изгледаат толку едноставни и брзи. Така, ќе подготвувате  традиционални рецепти, а сепак ќе бидете модерна жена.

Да не заборавиме. Најважно, тоа е здрав начин на подготовка на храната. Но исто толку и време, култура, традиција … и придобивка за жената.

Сите придобивки веќе се елаборирани, а се надевам и потврдени од страна на тие кои го прифатиле ваквиот начин на продготовка на храната.

Во ова време на годината на трпезата често се наоѓа риба, но и божиќните пости тоа го дозволуваат. Но, најзначајно е што на трпезата се собрани драги луѓе. Со повод и за дружба. Ги покануваме на слава, им принесуваме грижливо одбрана, квалитетна храна. Но, приготвена на еден традиционален и Slow Food начин, на гостите ќе им подариме не само храна, но и уживање, моменти кои ќе не поттикнат малку поинаку да размислуваме.

Ви предлагам еден – се знае, едноставен, традиционален, здрав, правичен рецепт, како што доликува на Slow Food филозофијата.

Подготовка:

  1. 1,5 – 2 kg исчистен кромид ситно се сецка.  Според воведниот дел, може да употребите електричен блендер. Но, внимателно со брзината затоа што кромидот не треба да биде премногу ситен а особено не кашаст. Се пржи вообичаено (само што е во голема количина). При пржењето се додава малку сол и вода. На крај се додава црвен пипер.
  2. Рибата претходно исчистена се расекува по средината и се отвора. Најчесто се употребува крап, но може и амур. Се става врз плехот кој е претходно намастен.
  3. Во ½  филџанче се припрема –  масло, вода, сол и пипер. Се става врз рибата со лажица, како премаз, а во текот на печењето може повторно да се премачка со оваа смеса.
  4. Кромидот се распоредува околу рибата. Се додава малку вода во кромидот а може и да се додава и во текот на печењето, за да омекне убаво. Доколку со рибата сте добиле млекца или икра, можете да ги додадете и тие во плехот.
  5. Се пече во загреана рерна на 2000С, околу еден час.

Едноставно, вкусно, традиционално, здраво!

Уживајте во зимските празници на Slow Food начин!!!

Подоцна дознав дека ова јадење во некои краеви од Македонија се вика   „Кромидарникˮ. Па, ако е веќе познато, ова е убаво потсетување на едно традиционално јадење како и доказ дека традиционалната храна, со здрави намирници и едноставна, е навистина вкусна. 

Подготвила, сликала и запишала: Билјана Гвероска, Слоу Фуд Прилеп