Home Новости Бавни вести Тавче гравче, нашиот гастрономски амбасадор

Тавче гравче, нашиот гастрономски амбасадор

0
Тавче гравче, нашиот гастрономски амбасадор
Дел од готвачот со публикацијата за тавче гравче @slowfood.de

Тавче гравчето се најде во новиот готвач со рецепти во издание на Слоу Фуд Германија. Во фокусот на оваа публикација се мешунките од повеќе земји од Европа.

Низ историјата на земјоделството и гастрономијата, забележлива е важноста на мешунките во производството и консумацијата на храна, преку нивниот бидодиверзитет и распостранетост како и дел од гастрономските традиции и култури на голем број на заедници низ светот. На светско ниво, има преку 18.000 сорти грав, грашок, леќа, боранија, наут и други мешунки.

Во последните децении, нивната важност е потценета со индустријализацијата на земјоделството и производството на храна, брзиот начин на живот и променетите навики во исхраната на населението. Денес тие се повеќе се реафирмираат како евтин и вкусен извор на протеини, минерали, витамин Б1 и микроелементи, тие прават одличен сојузник во здравата исхрана и за економски опстанок, особено во земјите во развој. Со  слоганот „хранливи семиња за одржлива иднина“, ФАО ја прогласи Меѓународната година на мешунките во 2016 година, со цел да се подигне свеста за нивните предности, да се зголеми нивното производство и продажба и да се поттикнат нови употреби низ целиот синџир на исхрана.

Па  така и  Слоу Фуд активно се вклучи во нивната промоција и заштита на локалниот  биодиверзитет, со вклучување на Арката на вкусови и преку воспоставување на Президиуми, промоција на концептот Slow Beans во Италија, но и со издавање на повеќе публикации каде главната тема се мешунките и нивната примена во исхраната.

Насловната страница на готвачот @slowfood.de

Следејќи го примерот на Слоу Фуд Италија и Слоу Фуд Германија се вклучи со своја кампања и проект на оваа тема и за таа цел ја мобилизира целата мрежа на Слоу Фуд во Европа, повеќе национални мрежи во собирањето и промовирањето на  различни сорти на овие зрнести плодови на земјата и гастрономските традиции и рецепти. Резултатот беше готвачот: „Мешунки – Европско гастрономско богатство –  Традиционални и модерни рецепти за исхрана ориентирана кон иднината“ кој  можете да го симнете ТУКА.

Оваа колекција рецепти е придонес кон оваа цел. Готвачот презентира рецепти  од повеќе европски кујни, кои се придонес на луѓето од Слоу Фуд мрежата од цела Европа. Меѓу нив ќе наидете на скоро заборавени гастрономски знаења, модерни креации и лични приказни. На страниците е поместен и рецептот на нашето „тавче гравче“ и тетовскиот грав, кои колегите од Слоу Фуд Германија во текот на подготовката на готвачот и ги испробуваа во кујна, по што следеа низа на пофалби и коментари за овој наш специјалитет.

Слоу Фуд Германија  е еден од партнерите во заедницата на научници и практичари од единаесет земји во ЕУ проект TRUE: Патеки за транзиција кон одржливи системи базирани на мешунки во Европа.

Следниот месец не очекува и промоцијата на „Симфонија на мешунките“ издание на Слоу Фуд Македонија, во кое се промовира македонскиот биодиверзитет на мешунки и традициите и иновациите во кујната поврзани со нив.