Home Новости Луѓе, места и храна Семејството Митрови во светот на тартуфите: Траеме поради предаденост, љубов и желба за иновации

Семејството Митрови во светот на тартуфите: Траеме поради предаденост, љубов и желба за иновации

0
Семејството Митрови во светот на тартуфите: Траеме поради предаденост, љубов и желба за иновации

И покрај мистиката, имиџот поврзан за тартуфите – што поради цената што поради „ликот“, мирисот и вкусот, овие грди убавци стануваат се подостапни и побарани во нашата кујна. Едноставно е: или ги обожавате или не ги поднесувате, рамнодушни нема.

Семејството Митрови се пионери во тартуфарството кај нас, а Валентина вели дека со радост осмислува необични рецепти, составени на начин кој ги зачувува природните хранливи својства на тартуфи а истовремено обезбедува максимален вкус и арома.

– Така од љубопитност, по долги години работа, успеавме да се етаблираме како првата македонска фирма која произведува вакви производи и продава свеж и сушен македонски тартуф. Многу сум среќна бидејќи процесот беше макотрпен, но желбата да се создаде нешто ново и интересно беше посилна.

А се започна со сопругот Тони, неговата љубов кон природата, планините, животните, поточно кучињата.

– Гледајќи ги пријателите во Италија и Франција, кои од хоби собираа тартуфи и тој посака да го следи нивниот пример и да почне да трага кај нас. Така се создаде тој убав спој помеѓу планината и  животните, во хоби наречено – тартуфарство. За да може да го прави тоа, од  Италија купивме куче, специјален трагач на тартуфи, кучето Берта, со кое поминавме долг процес на дресура.

Валентина и Берта во лов на тартуфи © tuf.mk

Таа ни донесе огромна среќа во семејството и за нас веќе започна една нова приказна исполнета со трагање по тартуфи, долги денови поминати со Берта низ падините и високите планини низ целата држава и радоста на секое ново парче тартуф… Од ден на ден се зголемуваше количината на тартуфи во домот и сфатив дека ќе морам да почнам да правам нешто со нив, за да го продолжиме времето на користење, раскажува Валентина. -Тогаш почна мојата потрага по рецепти, учење истражување, за да направам нешто со тартуфите. Морав да барам и помош од луѓе од странство, Италија, Иран, Англија, кои имаат научни сознанија  и докторски дисертации за тартуфите, а тие беа расположени за соработка и несебично го споделуваа со мене своето знаење..Учев како да постапувам со тартуфите кога ќе ги ставам во производ, тој е специфичен, ако се надмине одредена температура, губи секаква полезност и не е веќе корисен за здравјето… Комуницирам и со нашите професори, бидејќи за да се преработи тартуфот треба многу знаење…

тартуфи во маслиново масло до многу нови производи со тартуфи © tuf.mk

Моето патешествие да дојдам до добар производ траеше околу 5 години. Првиот производ ми беше-  тартуфи во маслиново масло, потоа, намаз од маслинки со тартуф, па направив намаз со тартуфи, шампињони и буковки. Интересно е што сите производи, и по 3 и по 12 месеци беа во одлична состојба, што значи добро се обработени и подготвени.

Инаку, целото семејство е вклучено во тартуфарството. На пазарот го пласираме нашиот бренд ТУФ, под кој ќе можат да се најдат свежи тартуфи, како и комбинации, слатки и солени, со тартуфи.

Во моментов компанијата работи како мал семеен бизнис со голем потенцијал за негово понатамошно развивање и проширување, како на нашето поднебје, така и на странскиот пазар. Постои одлична можност овие производи да се достапни во поголемите и подобро снабдени маркети низ целата држава, бидејќи истите би имале мошне достапна цена, а наскоро тоа и ќе се оствари, бидејќи ќе се продаваат во маркетите на Тинекс, бидејќи сме дел од „Стартап хероите“, стартап компании кои добивме поддршка за нашиот проект од ФИТР.

Тартуфот расте под земја, наликува на „грд компир“ а него можат да го намирисаат добро истренирани кучиња . Вие имате 7 обучени трагачи, но и одгледувачница на кучиња на Новоселски пат, пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел. Колку ова ви ја олеснува работата?

– Да, кога ќе се погледне тартуфот, многу луѓе како да имаат одбивност од изгледот, бидејќи, како што велите, изгледа како грд компир, извалкан со земја. Но, не е така, тартуфот е нешто најскапоцено од природата. Луѓето го запознаваат и веќе го менуваат мислењето. Но, за да им го понудиме, во поголеми количини и да биде подостапен за користење, ни помагаат нашите кучиња трагачи. Затоа,  имаме одгледувачница на кучиња пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел, но ниту едно од кучињата таму не се во крвно сродство. Имаме 7 кучиња, сите се обучени трагачи, ниту едно од нив, не е во крвно сродство, туку се од разни држави, Швајцарија, Грција, Италија, Франција, Иран.

Одгледувачницата е по сите светски  стандарди, за оваа работа,  проверена од инспектори од Брисел: тие направија увид, дојдоа да ја проверат и контролираат и дадоа највисоки оценки, со изненадување дека кај нас постои вакво нешто, толку професионално направено и со сите пропишани стандарди. За квалитето на кучињата зборува и фактот што ги носевме во Словенија, Србија и  Хрватска, за да провериме дали можат да го најдат белиот тартуф. Во Македонија, досега го немаат најдено.

Верувам дека многумина се интересираат каде се кај нас можат да се најдат тартуфи, каде најмногу виреат, дали застапеноста е поврзана со составот на земјата, климата…

– Тартуфите може да се најдат низ целата држава, но патот до пронаоѓањето, долгите часови поминати низ планините и непристапните предели се дел од тартуфарството.Тартуфите се тешки за пронаоѓање бидејќи растат од десет до 30 сантриметри длабоко во почвата. До нив се стигнува само со добро истренираните кучиња-трагачи, кои можат да ја намирисаат печурката, но секако и да ја откопаат на правилен начин без да ја оштетат.

Палетата на производи со тартуфи © tuf.mk

Колку и како ви помогна членувањето во Слоу Фуд?

– Да, членувам во Слоу Фуд и морам да искажам благодарност за поддршката и можноста што ја имам како членка, да бидам дел од сите нивни настани, да ги презентирам и доближам многу повеќе производите од тартуфи.

Производите на ТУФ беа изложени и на многу саеми за кулинарство и здрава храна, како на Третиот и Четвртиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ во Куманово, Slow Food Салон 2019, Skopje Wine Salon- Vinodonia 2018, Vinodonia 2019 и  оваа година исто така. Луѓето ме покануваат на разни настани, на телевизиски и радио емисии да зготвам или презентирам од производите и да ја раскажам приказната за тартуфите.Чест ми е што можеме токму тартуфот да го донесеме и на секоја трпеза кај секој љубител на нови и богати вкусови.

Велат кога ќе се навлечеш на аромта на тартуф, тоа е на долги стази. Откријте ни: што со тартуфи е најмногу застапено во вашата кујна?

– Нашите производи се приготвуваат по традиционален рецепт, со едноставен процес на конзервација, кој овозможува да се зачуваат најдрагоцените состојќи на тартуфот, кои се вистинска „бомба“ за здравјето.

Во мојата кујна застапени се многу специјалитети со тартуфи, од солено до слатко, пасти, патеа, комбинации со месо, десерти кои се збогатени со тартуф,тоа е една палета на менито која е вистинско гастрономско задоволство. Јас уживам да експериментирам и секогаш создавам некои нови комбинации, кои ги дегустираме и се покажуваат како одлични. Морам да споделам дека, не само во мојата кујна, туку за да уживаат луѓето во вкусот на тартуфите кај нас, во декември минатата година, во „Јавна соба“ направивме „Вечер на тартуфи“, која беше исполнета со специјално осмислена програма и мени од специјалитети од тартуф. Голема благодарност до сопственикот Александар, за довербата, отвореноста за соработка и огромната поддршка, како и неговата иновативност, на своите посетители да им овозможи ново и уникатно гурманско искуство.  На менито се најдоа оригинални рецепти, приготвени со свеж македонски тартуф: канапеи со тартуфи, пене паста со тартуфи, пилешко месо со тартуфи, слатки бомбици со тартуфи, ете тоа се дел од моите омилени специјалитети.

Тартуфите се толку инспиративни, што може да се препуштите на фантазијата и да направите одлични специјалитети. Вкусот, секако ќе ве плени.

Вања Тодоровска