Зрнестите сојузници во борбата против климатските промени

Мешунките способност да го фиксираат атмосферскиот азот за разлика од другите растенија кои го исцрпуваат азотот од почвата © Unsplash

Мешунките претставуваат основа во исхраната на многу заедници ширум светот, обликувајќи ги традиционалните кујни и традиции низ текот на времето. Тие имаат значајно место и во македонската гастрономија, благодарение на поднебјето за нивно одгледување и богатиот биодиверзитет.

Тие претставуваат евтин и вкусен извор на растителни протеини, минерали, витамин B1 и микронутриенти, поради што особено се сметаат за сојузник во здравата исхрана, но и во економскиот опстанок на луѓето, особено во земјите во развој.

Храна за луѓето, но и за почвата

Покрај тоа што придонесуваат кон здравата исхрана, мешунките претставуваат и извор на егзистенција на илјадници земјоделци кои ги произведуваат во ротација со други култури, поради нивната способност за збогатување на почвата со азот, подобрувајќи ја одржливоста на производството.

Мешунките се едни од неколкуте растенија кои имаат способност да го фиксираат атмосферскиот азот и да го пренесат до корените, збогатувајќи ја почвата, за разлика од другите растенија кои го исцрпуваат азотот од почвата.

Овој природен процес овозможува ублажување на климатските промени и намалување на употребата на синтетички ѓубрива, чие производство вклучува интензивна потрошувачка на енергија, при што се ослободуваат стакленички гасови во атмосферата.

Научи ги мешунките на нашето поднебје!

Диверзитетот на мешунки во Македонија е доста широк и нуди избор за сечија палета, почнувајќи од разнобојните гравчиња, колешинските кикиритки, егзотичната папуда, хранливиот наут и многу други.

Кога купуваш мешунки, потруди се да ги купуваш на локалните зелени пазари, или внимателно читај ги етикетите кога купуваш во маркет. Во меѓувреме, пронајди ги мешунките кои се заштитени во Слоу Фуд и се дел од  Арката на вкусови.

Затоа придружете ни се на предизвикот #ПосенПеток, едуцирајте се за мешунките и богтството на вкусови кои го нудат. За утрешното мени ви предлагаме да побарате на зелените пазари,  доколку сеуште ја има, бидејќи сезоната е при крај:  Бакла и зелени сливи

Катерина Јордановска, Слоу Фуд Водно