Гастрономски камп: Младите европејци за одржлива храна

НовостиЕдукацијаГастрономски камп: Младите европејци за одржлива храна

Сподели

Во периодот од 1 – 6 август 2011 во Турда, Романија се одржа летен камп насловен YES Food (Young Europeans for Sustainable Food) Млади европејци за одржлива храна организиран од Слоу Фуд Турда во соработка со Слоу Фуд и Тера Мадре.

На настанот учествуваа 80 млади луѓе од 12 европски земји меѓу кои и Македонија со осумчлена делегација.
На овој настан имавме можност да го збогатиме своето знаење и искуство за заштита и промоција на одржливото производство на храна преку одржување на работилници за подготовка и вкусување на квалитетна храна и посета на локалните производители на храна во Трансилванија.
Настанот имаше богата програма. После нашето пристигнување и сместување учествувавме на прес конференцијата во зградата на Општина Турда на која учество зедоа и претставници на локалните ацоијации кои го помогнаа одржувањето на кампот.

Најпознатиот романски готвач Цезар, за добредојде направи презентација на готвење на храна на начин на кој би се задржале сите битни состојки и вкусови на храната која се приготвува, а истата имавме можност веднаш да ја пробаме. Цезар кој е познат во светски рамки, има долгогодишно искуство во готвење и познава повеќе национални кујни, во наредните неколку дена од нашиот престој, секојдневно одржуваше презентации за готвење со потенцирање на важни податоци за состојките кои ги употребуваше, а притоа употребуваше само свеж сезонски зеленчук и зачини. На крајот од секоја негова презентација имавме можност веднаш да го пробаме секое негово приготвено јадење.
Потоа се упативме кон рудникот за сол во Турда во кој во минатото се произведувала сол за јадење, а од 1992 година претставува туристичка атракција и место за халотерапија.

Наредниот ден ја посетивме градинката Др.Јоан Ратиу, каде Марта Позсонии од конвивиум лидерот на Слоу Фуд Турда не запозна со проектот „Животот во зелената градина“ кој вклучува одгледување на зеленчук и овошје во школите и детските градинки како и со придобивките и проблемите со кои се среќваат при водењето на овие проекти.
Потоа следуваше посета на семејство во едно од локалните села кое сеуште ја негува традицијата на правење на домашен леб и кифлички без никакви додатоци и адитиви. Домаќините не пречекаа со погача и сол пред својата порта, а во чест на нашата посета веќе имаа направено дел од своите производи така што имавме можност да ги пробаме, а воедно и во живо ја видиме нивната подготовка – од месење на тестото до печење во фурната на дрва во нивниот двор.
Во наредните денови во кампот, делегациите од повеќе земји се претставија со презентации и дегустации на оригинална и автентична храна и пијалоци од нивните земји. Така имавме можност да пробаме француско сирење, домашно направена паштета со парчиња од гуска и див зајак конзервирана во сало и три типа на француско вино. Словенската делегација се претстави со презентација и дегустација на 15 видови на вино од 4 региони во Словенија. Делегацијата од Грузија се претстави со оригинално чадено сирење во форма на стапчиња и десерт кој исто така имаше форма на стапчиња а се состоеше од „желе“ од гроздов сок со ореви во средината. Српската делегација направи дегустација на мелени пиперки со лук, кисела зелка, два вида на слатко и мед.

Домаќините од Романија направија презентација за пчелни производи – мед, полен, млеч и прополис и кратко за животот и одгледувањето на пчелите и пчелните семејства и дегустација на 5 видови на мед од различни медоносни растенија.
Беше организирана работилница и дегустација на млечни производи: 2 вида на слатки сирења – бело и жолто, како и изварка и путер.

Нашата делегација направи презентација на тема „Земјоделската политика во Република Македонија и улогата на младите луѓе во земјоделството“ која ја водеше Никола Ѓорѓиевски. Од голема важност беше презентацијата која беше направена за Циронки – нивна конзервација и конзумација, затоа што Слоу Фуд Битола се залага за нивно вклучување во Арка на вкусовите и добивање Президиум за овој исклучителен автохтон македонски производ.
Нашата делегација организираше и дегустација со веќе воспоставениот Президиум – Слаткото од диви смокви, вината од Тиквешкиот регион, Вранец и Картошија, слатка од цреши и тиква, македонска и влашка баклава и други производи.
Бугарската делегација ги презентираше проектите за одгледување на зеленчук и овошје во градинките и школите за едукација на младите, се раговараше за поволностите и проблемите со кои се соочуваат при реализацијата на овие проекти.

Претставник од грузиската делегација изложи идеји за промотивни материјали со која Слоу Фуд како организација би допрела до граѓаните на глобалното село и би ја подигнала нивната свест и култура за одгледување и конзумација на здрава храна.
Во текот на кампот се прикажуваа и документарни филмови за значењето и односот кон храната, а беше разгледан и проблемот со фрлање на храна.

Еден ден беше резервиран за прошетка низ планината и берење на боровинки и малини кои беа искористени за работилницата за подготовка на слатко и десерт.
Настанот вклучуваше и арт работилница за цртање водена од Монири – член на француската делегација и работилница за грнчарство која ја водеа локални луѓе.
Настанот беше заокружен со подготовка на свечена вечера од готвачот Цезар и доделување на Сертификати за учество на кампот од страна на нашата домаќинка Марта Позсонии.

Искуствата стекнати на еден ваков камп и размена на искуства со колеги од Слоу Фуд од други земји, се драгоцени за нас како членови на Слоу Фуд Битола, на таков начин ги прошируваме нашите видици и знаење за промоција на нашата земја и презентација на автентичната и одржлива македонска храна.

Ана Караманди

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...