Home Прес преглед ЕКОНОМСКИ.МК: Во Кавадарци конференција за заштита на традиционалните производи

ЕКОНОМСКИ.МК: Во Кавадарци конференција за заштита на традиционалните производи

0

Локалните сорти и раси претставуваат бесценето културно наследство, рече Емилија Неделковска од Слоу фуд Битола, на денешната конференција за заштита на квалитетот на традиционалните производи, која се одржува во Кавадарци.

– Многу е важно да се сочуваат локалните сорти и раси, бидејќи тие се најдобро приспособени на територијата, за нив е потребно помалку вода и хемија, поиздржливи се на временските непогоди, додаде таа.
Неделковска ги нагласи гравот од Беласица, планинскиот чај од Галичица, мариовското биено сирење, циронките од Преспа, македонската медоносна пчела од Гевгелија, слаткото од диви смокви од југоисточниот регион, тиквешките маџун и станушина и буковската пипер од пелагонскиот регион.

– Преку заштита на квалитетот се постигнува поттикнување на разновидноста на земјоделското производство, заштита на имињата од злоупотреба и фалсификат, како и помош за потрошувачите да го разберат специфичниот карактер на производите, рече во своето излагање Елена Тапанџиоска, советник во одделението за стандарди и квалитет на земјоделските производи, Сектор за маркетинг и квалитет на земјоделските производи при Министерството за земјоделство.

Викторија Дулгерова, исто така, од Министерството, на конференцијата рече дека потрошувачите очекуваат историјат на производот за тоа по кој ред доаѓаат состојките од кои е направен и зошто е тој типичен за регионот.
– Локалните производи и нивниот специфичен квалитет се продаваат и се ценети од страна на потрошувачите, а промоцијата на производот е промоција на регионот на потекло, истакна таа.
Конференцијата во Кавадарци на која присуствуваа бројни производители од регионот е во организација на Министерството за земјоделство и Слоу фуд Македонија, а со поддршка на кавадаречката општина.