Мајка која создава, мајка која носи храна, мајка која одгледува, мајка која се грижи… Силна и достоинствена мајка која се избори за препознавање како жена во своето село во Мали, западна Африка, кое што не беше наклонето кон неа. Ниелени (Nyeleni) е жена чиј живот започна како проколнато дете, чие семејство беше отфрлено од тамошните мештани од машки пол, поради тоа што имаа едно единствено женско дете. Но Ниелени од некогаш проколнато девојче, денес стана жива легенда. Таа не се исплаши од мажите и не ја прифати својата женска улога во своето село, туку одбивајќи ги сите понуди за брак, таа ја започна и успешно ја заврши својата мисија, борејќи се рамо до рамо со нив, таа ги порази сите и достигна голема слава и почит. Таа се избори за репутацијата на своето семејство и жените. Учествуваше во разни натпревари во сопствената земја, се занимаваше со земјоделство и ја обработуваше земјата. Ниелени ги прехрануваше гладните од целото село.
Бидејќи Ниелени беше жена која ја обележа историјата на Мали со својата тешка работа, иновативност и грижа за гладното население, денес организациите го даваат ова име на Светскиот форум за суверенитетот на храната. Суверенитетот на храна е твоето право да се храниш со чиста, здрава и квалитетна храна. Тоа е право да си ја дефинираш сопствената храна. Право да јадеш храна која што ја претставува твојата култура. Суверенитетот на храната ги штити правата на жените, домородните народи, земјоделците, фармерите, рибарите и сите оние кои се историски креатори на знаењето за храната и земјоделството. Нивните права да ги користат сопствените територии за производство на храна и да изградат позитивни врски помеѓу нив, да стекнат разни знаења и вештини за развој и менаџирање со нивното производство и да развијат нови системи за подршка и развој која како мудрост се пренесува на идните генерации. Суверенитетот на храна се залага да се зачува нашата природа и нејзиниот биодиверзитет.
Понесени од впечатоците од Ниелени форумот за суверенитет на храна, кој се одржа во периодот 23-27. февруари, 2007 год. во Селингве, Мали, со цел да стекне нови знаења и да се здобие со нови искуства во остварувањето на својата визија и мисија, Слоу Фуд Битола, ќе учествува на овогодинешниот Ниелени форум за суверенитет на храна кој ќе се одржи во периодот од 16-21 август, 2011 год. во Кремс, Австрија. Очекуваме стекнатите искуства на Слоу Фуд Битола, да придонесат за збогатување на знаењата на сите производители, дистрибутери и конзументи на храна, кои со помош на социјални и еколошки методи го зачуваат нашиот биодиверзитет.
повеќе информации на: http://nyeleni2011.net
Ивана Лембовска