Васлика Стефановска: Слоу Фуд се спротивстави на брзата храна

НовостиХрана за размислувањеВаслика Стефановска: Слоу Фуд се спротивстави на брзата храна

Сподели

Интервју на Василка Стефановска, лидер на Слоу Фуд Водно со новинарката Валентина Тодоровска за „Утрински Весник“

Василка Стефановска работи во СУГС „Лазар Танев“ 32 години, по едукација е инженер-технолог и е активен член на организацијата „Слоу фуд“

За почеток – дали „Слоу фуд“ е противтежа на брзата храна, од каде идејата, а потоа – и реализацијата да се забави во и со приготвување на храна? Патем, што се’ влегува во терминот „слоу фуд“? 

– Идејата за „Слоу фуд“ е зачната во 1986 година, нешто како отпор против отворањето на „Мекдоналдс“ во близина на Шпанските скали (Piazza di Spagna) во Рим. Групата беше предводена од Карло Петрини, новинар и публицист за храна и тие застанувајќи на другата страна од плоштадот, симболично го отпочнаа меѓународно движење, кое потоа ќе се спротивставува на се’ што се нарекува „фаст фуд“ и на глобализацијата. Инаку, движењето „Слоу фуд“ вклучува заштита и промоција на локални и традиционални производи од храна, вклучување на заедници на храна, стручни лица и готвачи на мрежата на „Тера мадре“, организирање фестивали на локалната кујна во различните региони, промоција на „едукација на вкусови“, поттикнување на етичко купување на локалните пазари, развивање на политички програми за заштита на фамилијарните фарми… „Слоу фуд“ е храна добиена од растително и животинско потекло, карактеристична за поднебјето во кое живееме, поконкретно, храна од локални производители.

Личната карта на „Слоу фуд“ на светско ниво е промовирана како алтернатива на брзата храна. Како функционира кај нас и што се’ може да се наброи во делот на вашите активности?
– „Слоу фуд“ (Slow Food) е глобална, непрофитна организација со членови и поддржувачи насекаде низ светот, кои ги поврзуваат задоволството и добрата храна со обврската кон нивната заедница и животната средина. Се разбира дека настојува да ги заштити традиционалните и регионалните кујни, ама и да го поттикне земјоделството… „Слоу фуд“ се обидува преку агенди да ги реализира своите цели за здрава храна, насочена против глобализација на земјоделските производи, а во Македонија е присутна десетина години, промовирана од група ентузијасти- вљубеници во традицијата и локалната храна. Слободан Чокревски – професор на Факултетот за ветерина и група негови истомисленици се основачите што ќе застанат зад мотото SLOW FOOD во нашата земја, а денес преку мрежата на „Слоу фуд- Македонија“ активно дејствуваат 13 заедници. Сите тие конвивиуми имаат свои стратегии, разработуваат идеи, решаваат локални проблеми… Конвивиумите се дел од „Слоу фуд – Македонија“ чиј лидер е Николче Николовски… Што се однесува до активностите, би ги издвоила „Едукација на сетила кај децата“, „Училишни градини“, „Врска помеѓу локалните производители и потрошувачите“, а нашето обележје како активност е и „Денот на баба“.

Дали нашата македонска „слоу-фуд“ се базира исклучиво врз продуктите што виреат на ова поднебје? Се подразбира ли дека локалните производи значат здрава храна?

– Во Македонија ги промовираме продуктите од нашето поднебје и заложба ни е тие да се вратат на трпезите затоа што се симбол на традицијата. Следејќи ги светските трендови за здрава храна, потребно е некои рецепти малку да се модифицираат, но сепак да бидат во духот на традицијата, а тоа е можно.

„Бабините рецепти во ново руво“ е манифестација која денеска, по шести пат, на едно место ги собира сите љубители на традицијата во исхраната.
– По шести пат ја организираме манифестацијата, а освен нашите членови, гости се и сите оние што, истражувајќи по старите тетратки со рецепти од своите баби и мајки, ќе приготвуваат најразлични јадења по своја желба, кои потоа ќе се дегустираат во „Ореов лад“.
Од оваа година и група готвачи се приклучуваат на „Слоу фуд“ и овој настан ќе го искористиме за нивното претставување преку демонстрација на нивните готвачки вештини во живо.

Во последно време тренд станаа старите традиционални јадења и здравата храна. Како да доживуваме „гастрономско освестување“ и будење, па се’ почесто салатата ни го заменува целиот оброк, се’ поретко се пржи и похува…

– Мислам дека никој од нас не може да избега од своите корени. Она што е наше исконско го носиме како аманет од нашите предци и го спроведуваме. Развојот на науката и технологијата допре и во гастрономијата и кога ќе се испреплетат меѓусебно традицијата и науката, обезбедувајќи здрав живот – сме ја постигнале целта.

Ме радува што младите се’ почесто обрнуваат внимание на начинот на исхрана и што се интересираат за потеклото на храната. Луѓето покажуваат интерес за самостојно одгледување на градинарски култури и тоа е тренд во светот. Кај нас беше нормално во секој двор да има понекој корен домат и пипер и ваквите навики навистина се враќаат на голема врата.

 

Пијан крап

Состојки: исчистен крап од околу 2 кг, неколку чешниња лук, сол, зачинал, 2 дл бело вино, 2 дл сок од домати и малку масло.

Приготвување: крапот добро се мачка со сол и со зачинал, со нож се прават засеци во месото и во нив се ставаат деланки лук. Крапот се става во полудлабок сад и се полева со масло, доматниот сок и белото вино.

Се пече во рерна на 220 Целзиусови степени околу половина час, додека не добие румена боја. Постојано се полева со сокот од домати и вино.

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...