На третото издание на Трпеза филм фестивал, кој ќе се одржи на 19 и 20 август 2017 година во Задруга Артикултура, Битола, тема ќе бидат климатските промени и земјоделството. На таа тема ќе биде прикажан документарниот филм „После дождот“ на македонската режисерка Билјана Гарванлиева. Со вклучувањето во програмата на фестивалот сакаме да и оддадеме почит на оваа авторка, која во своите филмови третираше важни теми од нашето опкружување. По тој повод ви пренесуваме дел од нејзините размислувања, дадени во интервју на новинарката Катерина Богоева од „Утрински весник“.
Најновиот документарен филм „После дождот“ тематски е поврзан со климатските промени во кој мошне суптилно приказната ја водат жени поврзани со земјата, почвата, растенијата и небото над нив. Како ја составувавте, каде ја снимавте и каква порака содржи?
Искрено речено, со мерак ја составував приказната. Бидејќи повеќето време го поминувам на стол, повторниот контакт со земјата при снимањето по нивите низ Струмичко, Радовишко и Скопско ми дојдоа како мелем на душата. Пораката на филмот „Нема да преживее најинтелигентниот и најмудриот вид, туку оној што е најспособен да се адаптира“, всушност, дојде од канцеларијата на УНДП, кои финансиски го поддржаа филмот. А јас би додала на тоа дека иднината на климата лежи само во личната одговорност на секој од нас и подготвеност да ја промени, пред се’, мислата. Така, на пример, ги поддржувам земјоделците од мојот регион, кои садат автохтони семиња и се трудам секогаш кога е можно тоа, да купувам исклучиво органска храна.
Дали Вашата лична загриженост за се’ подраматичните климатски промени беше пресудна во фокусот на филмот да ги ставите жените и природата, или пак… ?
Сознанието дека старите, автохтоните семиња се поиздржливи на климатските промени отколку хибридните ме засега, пред се’, како човек. Но, исто така, факт е дека климатските промени се’ повеќе придонесуваат и кон еманципацијата на жените. Како режисерка ми беше важно да ја покажам поголемата свесност на жените во село кон климатските промени отколку тие во градот. Додека една селска жена ја користи водата, сенката, подрумот за чување на храната, една градска жена воопшто не размислува дека со вклучување на клима-уредот или сушалницата најмногу придонесува во менување на климата.
Ви беше ли тешко да им ја предочите суштината на она што го снимате на жените во филмот? Кои се тие и како реагираа на Вашата работа?
Работата на документарен филм бара многу време и трпение. На почетокот постоеше една зачуденост и отпор зошто баш нив сум ги одбрала, зошто не ги снимам мажите. Но, со тек на време се раѓа довербата, која е темел за еден документарен филм. Тие многу добро умеат да оценат дали е авторот искрен или не. Е, тој момент кога ќе се спојат енергиите помеѓу протагонистите и авторот се нарекува касмет на документаристот.
„После дождот“ по Скопје ќе биде прикажан и во Венеција. Го примате ли тоа како охрабрувачки факт за повисок третман на документарниот филм денеска во светот и што Ви говори досегашното искуство по реализираните пет филма, имаат ли документарците своја публика?
Бидејќи документарните филмови не добиваат свој простор на телевизиите, фестивалите се единственото место каде што тие можат понатаму да живеат. За мене учеството на Фестивалот е многу мотивирачки, за да продолжам да мислам дека, сепак, не било залудно ова што го работам и да продолжам да се борам за документарниот филм. Публика има, но посакувам креаторите на телевизиските програми, како и на кинопрограмите да направат еден коперникански пресврт во мислата и да почнат да прикажуваат и документарни филмови.
Интервју на: Катерина Богоева, Утрински весник
Фотокредит © cinedays.mk