Home Новости Во фокусот Активизам за храна

Активизам за храна

0
Активизам за храна
Тера Мадре парада на делегатите во 2016 година во Торино, Италија. Фото кредит © Slow Food архива

„Активизм за храна“ е релативно нов термин кој се издвои во поново време, како посебна форма на активизам во кој покрај прашањето за системот на храна, се вкрстуваат многу политички, социолошки и економски аспекти.

Според Мајкл Полан – писател за храна, можеме многу да научиме за капитализмот ако ја проучуваме храната. Под систем на храна подразбираме економска, политичка и еколошка рамка под која храната се произведува, преработува и дистрибуира. И покрај уникантната, суштинска и универзална потреба за храна на секој човек, постоечките економски системи го сменија водството на производството и дистрибуцијата на храна од државно, на транснационално ниво. Едноставно, овие транснационални системи се контролирани од корпорациите чиј приоритет е профитот, додека се занемаруваат одржливоста, биодивиерзитетот, социјалната правда и социјалниот аспект на храната. Така на пример, денеска и покрај тоа што малите фармери го снабдуваат светот со 90% од разновидната храна нив им припаѓа само ¼ од земјоделската обработлива површина. Додека, монокултурите, како соја, палми за масло, шеќерна трска и репка, најчесто раководени од корпорациите се распростираат низ површина од 140 милиони хектари, што е повеќе од целото обработливо земјиште на Кина, на пример.

Од друга страна, порастот на проблемите кои се поврзуват со храната се зголемува, од аспект на консументите се уште постои гладот поради недсотаток на храна и прекумерната дебелина како негов спротивен ефект кој се појавува во високо развиените општества. Впрочем и покрај познатата политика за масовно производство со цел да се искорени гладот во светот, дури 1/3 од произведената храна се фрла уште пред да стигне до трпезите. Истовремено, фармерите и другите производители страдаат од ниски примања, додека пак на одржливоста и се закануваат различни фактори како постојаниот раст на популацијата и климатските промени, кои веќе играат важна улога, заедно со тековното намалување на ресурсите. Многу често овој факт се занемарува кога се зборува за животната средина, но системот за храна е трет фактор за појава на климатските промени, а истовремено прв на ударот од последиците што тие ги носат и тоа преку загуби на производството балгодарение на сушите, пожарите и поплавите или губењето на цели сорти и видови растенија кои биле значаен дел од екосистемот.

Секоја година во април, глобално, се одржува “Диско Супа“, во организација на мрежата на Слоу Фуд млади.

Започнувајќи на овој начин многу е лесно да се објасни зошто е потребен активизмот за храна, и зошто толку доминираше како тренд последниве години. Активизмот денеска бара нови системи, нови начини на размислување, вклучувајќи ги и новите технологии и методи на производство без да се изоставува социјалната правда и храната како културно наследство.

Секако, најгласни се младите кои се свесни за светот кој го наследуваат па на најрзалични креативни начини го изразуваат својот револт кон конвенционалното производство. Најчесто тоа се различни маршеви или протести, но исто така пробуваат преку примери да покажат дека постои алтернатива. На пример, секој 25 април се одржува познатата “Диско Супа“, во над 100 земји во светотот, каде што младите се собираат со цел да зготват супа, од зеленчуци кои би се фрлиле доколку никој не ги „спаси“. Истовремено, овој настан е повик за вклучување на повеќе луѓе размена на искуства и идеи и секако танцување.

„Ние ја храниме планетата“ марш на Слоу Фуд млади за време на светската изложба во Милано 2015 година. Фото кредит © Slow Food архива

Всушност, луѓето од различни причини се вклучуваат како активисти и бранители на одредени идеи што не секогаш се директно поврзани со храната, на пример се грижат за јавното здравје, животната средина, благосостојбата на животните, културното наследство на храната, а можеби пак се залагаaт на органското производство. Несомнено, темите се неисцрпни, додека пак активистите за храна ги земаат сите овие аспекти предвид. Иако, најчесто овој плуралистички пристап и сеопсежност на храната носи придобивки помеѓу активистите, се случува да дојде и до конфликти поради различни каузи и залагања. Од друга страна, различните групи постепено се обединуваат околу прашањата за суверенитетот на храната, правдата за храна, зачувување на биодиверзитетот и правото на храна на сите, стремејќи се кон единствено движење кое може да ги покрие сите аспекти на системот за храна.

Историски гледано, храната од секогаш била еден од водечките елементи за несогласување и наметнување помеѓу нациите. Така на пример во 1773 американските патриоти ја бојкотирале контролирачката британската монархија која наметнала да се увезе чај од Кина без притоа да се платат даноци, па цел брод со чај завршил превртен на пристаништетот во Бостон што подоцна е познато како „Бостонска чајанка“. Овој настан е прилично важен  поради агресивниот настап на Британските колонисти подоцна придонесол да се предизвика американската револуција.
Исто така  интересено е што уште во 1830те, кога протестантскиот министер Силвестер Грахам на САД започнува да се бори за промена кај навиките во исхраната на Американците. Тој ширел водичи и предавања промовирајќи интегрално брашно, намалување на стимулансите како што е кафето во исхраната, исклучување на месото итн. Денеска, тој се смета за еден од основачите на вегетарјанската исхрана која ја следат се поглем број луѓе.
Во 1900 година, пак жените кои се борат за своето право на глас го започнуваат првиот штрајк со глад со цел да предизвикаат поголемо внимание и интерес во јавноста.

Ова се само неколку историски примери кои ја означуваат потребата за активизам за храна во различни временски периоди и општествени уредувања, поткрепувајќи го фактот дека храната и активизмот се постојано поврзани. Сепак најголемата потреба за активизам луѓето ја чувствуваат после развитокот на индустриското производство и вовлекувањето на индустријата и технологијата во сите сфери на производството, па и на храната. Во 1960 година се јавуваат и првите поборници за органско производство на храна кои пред се го земаат човечкото здравје како приоритет, но ставаат акцент и на животната средина. Активизмот за храна зазема различни форми и движења од 60тите до денес. Вусшност бројот на движења и организации кои учествуваат и придонесуваат за промена на храна што го привлече вниманието на антрополозите и социолозите за подетални истражувања на оваа тема.

Тера Мадре парада во 2016 година во Торино, Италија

Многу често, се наметнува идејата дека активизмот за храна се сведува на воведување на нови трендови во исхраната, следење трендови, потполнување прашалници, еднократни активности и влијанија кои имаат исклучиво индивидуална основа, но не се доволно загрижувачки за поголеми промени. Сепак, во зависност од каузите и начинот на делување како и степенот на нивно влијание, организациите можат да придонесат за големи промени во општествата. Исто така, глобализирањето на проблемите и вклучувањето на производителите и консументите на иста линија има значајно влијание врз иднината на системот на храна. Учеството на организациите и активистите во политичките промени и завземањето на заеднички цели постепено го менува системот кој го гледаме денеска.

Слоу Фуд филозофијата зад која стојат голем број подржувачи насекаде во светот и делува на повеќе фронтови. Како организација ги обединува сите делови од системот на храна и во ова време на глобализација и масовно производство нуди иновативни решенија за проблемите кои произлегуваат од конвенционалното производство на храна. Делува локално и глобално, во повеќе од 160 земји на сите континети. Филозофијата на Слоу Фуд влијае врз поединецот, но и врз менување на политиките со давање на позитивни примери и решенија со вклучување на сите во општеството и со мирољубив, но продорен активизам. Активизмот во Слоу Фуд значи мобилизирање на многу луѓе, значи надеж за оние кои масовното производство ги исфрли на маргините, значи обединување на малите фармери ширум светот, значи одржување на традиционалните рецепти од нашите предци, значи зачувување на сортите, расите и технологиите во време кога тие забрзано исчезнуваат, значи заштитување на животната средина, значи славење на животот и уживање во храната со сите сетила.

Автор: Билјана Митревска, Слоу Фуд Млади Македонија

 

Статијата е  дел од кампањата #ХранаЗаПромени, која има за цел да ја крене свесноста кај производителите и консументите за влијанието кое го има производството и консумацијата на храната врз животната средина и климатските промени. Истата е во рамки на проектот „Храна за промени“ кој го реализираат „Слоу Фуд Водно“, Скопје во партнерство со „Слоу Фуд Македонија“, Битола и „Слоу Фуд Млади Македонија“, Скопје
Финансиски поддржано во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ го имплементираат Еко-свест, CNVP Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија. Содржината на овој документ е одговорност исклучиво на авторот и во ниеден случај не може да се смета дека ги отсликува ставовите на Европската Унија.