Со цел да им се помогне на малите, локални производители и дистрибутери на храна, кои во време на пандемијата се соочија со проблеми на производството и рентабилноста како и со пласманот, „Импакт фондација“ заедно со „Слоу Фуд Македонија“ реализираат проект со дваесетина претставници на локални производители преку кои со поддршка на експерти им понудија решенија за формирање на бизнис модели за раст на нивното производство и за зголемување на вработеноста.
„Силни мали производители водени од бизнис” претставува проект произлезен од тековната пандемија со ковид-19 кој ги третира предизвиците во рамки на домашниот систем за производство на храна, поконретно малите локални производители и работниците во синџирот на локалното производство и преработката на храна. Целта, како што нагласуваат „Импакт фондација” и „Слоу Фуд Македонија“ е да им се помогне во насока на откривање на нови канали на дистрибуција, во услови кога поради состојбите предизвикани со пандемијата, постојано се изложени на заканите од невработеност и слаб пласман на нивните производите на пазарот.

Токму мотивирани поради ваквите состојби, реализаторите на овој проект и со учество на експерти од соодветни бизнис области, преку платформата Google Meet одржаа три работилници со дваесетина производители кои опфатија обуки за бизнис модели и рентабилност во производството, дизајн и брендирање и промоција на производите како социјалните мрежи и означување и раскажување на приказната на производот. Учесниците се стекнаа со практични знаења како да формираат бизнис – модели и како да ја пресметаат својата рентабилност, да се брендираат и промовираат во јавноста.
Проектот „Силни мали производители водени од бизнис”, овозможува инклузивен и оддржлив раст на малите производители на храна и воедно поттикнува континуиран пораст на локалната економија и искоренување на невработеноста.
За време на имплементирање на проектот секој производител врз основа на наодите добиени при комуникацијата со него добива детално изработен бизнис модел и менторство при спроведување на истиот, со јасни насоки на кои ќе се насочува во иднина. Дополнително, во времетраењето на проектот, производителот ќе има можност да биде промовиран преку социјалните медиуми со што му се овозможува поголема видливост и полесен и директен пристап до купувачите, притоа се поттикнува посилен и конкурентен производствен сектор во земјата.
Проектот е започнат кон крајот на 2020 година со мапирање на повеќе од 30 производители со вклучен развој на критериуми за нивна селекција и избор на 20 мали производители на кои ќе им биде укажана поддршка. Изработен е и водич за означување и етикетирање на производи од страна на Слоу Фуд Македонија. Во вториот дел на проектот беа оддржани трите обуки во насока на избор на бизнис модел и рентабилност отворена за сите производители, се информира во ова соопштение и нагласува дека е предвидена уште една обука од областа на маркетингот со што ќе се заврши делот за градење на капацитет кај производителите.
Инаку, Импакт фондацијата за развој на приватниот сектор преку континуирана промоција на одржлив разво работи на полето на зелени економии, одржлив туризам и иновативни технологии со пристап за развој на пазарните системи. Слоу фод Македонија пак, како организација настојува да ги заштити од исчезнување традиционалните и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот еко систем и во партнерство со Импакт Фондација се залага за успешно реализирање на овој проект. Целата активност е спроведена со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).