Промовирајќи одржливо производство, дистрибуција и потрошувачка на локална, сезонска и здрава храна, Слоу Фуд има за цел е да им овозможи на луѓето да имаа пристап до ваквата храната што истовремено значи и обезбедување на поддршка за помалите земјоделци, сточари и занаетчии.
На тој начин се помага да се создадат блиски економски и општо корисни односи во локалната заедница. Преку намалувањето на растојанието и бројот на чинители во синџирот на дистрибуција на храна, со што се превенира расипување на храната, генерирање на отпад со нејзино фрлање, како и отпад од пакување, се промовира свесноста за одржливите практики со ниско влијание врз животната средина.
Ова се клучни елементи и насоки на идниот развој во земјоделството и производството на храна во Македонија. Во иднина потребно е да се дава поголема важност на приходите кои би ги остварувале производителите, со комбинирани активности, преку подобра искористеност на потенцијалот и негова валоризација со додавање на вредност на нивните производи, преку поголема насоченост кон претприемачки иницијативи во земјоделскиот сектор, како што е агротуризмот.
Постигнување на видливи резултати во руралниот развој, во голем дел зависи од самите земјоделци. За да ги подобрат физичките и економски перформанси на своите мали или средни фарми и за да станат видливи и конкурентни на пазарот дома, па и во странство, треба да бидат поактивно вклучени во елиминирање на внатрешните ограничувања. Потребно е да се работи врз развојот на сопствените капацитети на фармата со помош на едукација, стекнување нови знаења и вештина, развој на претприемачки и натпреварувачки дух; примена на иновации во производството и деловното работење, како и елементи кои не секогаш се поврзани со финансиски ресурси; промени во свеста и увидување на сопствени грешки, подобрување на квалитетот на производот, потреба за здружување, важноста за инвестирање итн.
Важен аспект во создавањето на позитивна клима за развој на малите бизниси во производството на храна е да се отстванат административните и законските бариери кои го ограничуваат нивниот раст. На европско ниво, според економската големина, многу малите ималите фарми (до 8.000 евра обрт годишно) сочинуваат повеќе од две третини (69,1%) од сите фарми во членките на Европската унија, додека во Македонија, од вкупниот број класификувани земјоделски стопанства, 49,6% се класификувани во првата група (до 2000 евра), 19,7% се класифицирани во втората група ( 2.000 до 4.000 евра), 16,5% во третата група (4.000 до 8.000 евра). Од вкупно 170.581 индивидуални земјоделски стопанства, кои во најголем дел спаѓаат во мали фарми, специјализирани за поледелски култури се 58.747, со мешано растително производство 17.663, а додека со мешано растително – добиточно производство 31.143. Што значи дека и во ЕУ, а особено кај нас, малите фарми заземаат значајно место во опшеството и производството на храна. Но нивното работење не треба да се разгледува само од економски, туку и од социјален аспект во контекст на благосостојбата на семејствата кои ги поседуваат и животот во руралните средини, каде најчесто се лоцирани овие производства.
Нивната поддршка е долготраен процес и побрзи резултати би се добиле доколку процесот оди од горе кон долу, односно доколку работата на многу малите и малите земјоделски стопанства биде олеснета со посебна законска рамка, дизајнирана за нив. Со други зборови, се работи за процесот на применета флексибилност за малите бизниси, традиционалните производства и дејностите за производство на храна лоцирани во географски ограничени средини. Нивната важност е веќе докажан факт, а на европско ниво се прават големи напори степенот на примена да биде што поголем. Многу земји членки на ЕУ се уште бараат начини како поефикасно да ја применат флексибилноста преку носење национални законски акти и програми.
Во таа насока Слоу Фуд Македонија изготви Анализа на законската рамка за преработени производи од растително потекло во поддршка на малите бизниси со храна, со која се пристапува кон разгледување на постојните регулативи на ЕУ, националните регулативи со примери и искуства од повеќе европски земји, со посебен акцент на земјите од регионот како најсоодветни за разгледување и примена на нивните искуства кај нас. Истовремено се разгледуваат можностите за донесување национален законски акт т.е. правилник со кој би се применила флексибилноста во делот на производство на растителни преработки.
Како можности, во овој контекст се подразбираат:
- бројот на потенцијални идни корисници односно мали стопанства кои би започнале да работат сопствен бизнис со производство на храна т.е преработка на растителни производи, како и разгледување од малку поширок аспект на прехранбениот сектор кој моментално постои и има доминантно индустриски перформанси;
- бројот на законски акти и нивниот опфат во однос на наведените мали производства и тоа започнувајќи од тие на Европската Унија (како најбитни и референтни), преку тие на поблиските земји (како примери за практична примена), до националните кои моментално постојат и се на сила, со посебен осврт на деловите кои даваат основа за флексибилна примена на законските барања или пак за донесување на истата;
- степенот до кој се опфатени руралниот развој преку поддршка и развој на малите производства на прехранбени производи во моменталните земјоделски политики и тие на повидок во блиска иднина;
- останати аспекти и примери од терен кои сметаме дека се значајни и придонесуваат за појасни заклучоци во оваа анализа. Анализата има компаративен карактер и како појдовни точки ги зема ЕУ, Хрватска, Србија и Северна Македонија, а каде е соодветно се споредуваат и други земји (Црна Гора, Австрија итн.)
Со оваа анализа Слоу Фуд Македонија дава придонес во процесот на подготовка на новиот Правилник за барањата за хигиена и условите за производство и ставање во промет на мали количества храна од неживотинско потекло наменета за директно снабдување, во географски и економски органичувања, кој во последниов период се подготвува од страна на работна група формирана од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, на иницијатива на нашата организација, а со учество на повеќе претставници од институции, науката и производителите. Во следниот период се очекува неговата финализација со јавна расправа од страна на повеќе чинители и негово донесување и примена.
Во текот на изминатите години, ваков правилник беше подготвен и за производствата на производи од животинско потекло. На овој начин Слоу Фуд во Македонија, делува во поддршка на локалната храна и малите производители, со што дава придонес во остварувањето на глобалните цели за одржлив развој во Македонија.
Оваа анализа е изработена со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).
