Помеѓу врвовите на младата трева кои започнуваат да ѕиркаат помеѓу преостанатите есенски лисја се појавуваат миризливите и нежни темјанушки, пркосејќи ѝ на зимата која уморна си заминува. Дивaта темјанушка (Viola odorata) е првиот знак за доаѓањето на пролетта. Малку се знае за ботаниката, лековитоста и симболиката што ја придружува оваа билка. Интересно е едно верување на нашиот народ поврзано со темјанушките, тоа вели: „првата виолетова темјанушка што ќе ја најдете напролет, треба да ја изедете, бидејќи на тој начин ќе зрачите љубов. Ако го направите тоа, вашите најблиски ќе ви бидат повеќе наклонети во текот на целата година“. Ова диво растение бара од нас да го пронајдеме и да ни ја подари, но само на оние кои се подготвени да одат на планинарење. Вреди да се потрудите, бидејќи освен што ќе ве дарува со убавина има и лековита моќ, а се почесто се користи и во гастрономијата. Пред неколку години Слоу Фуд Битола организираше тематска вечера „Вкусовите на пролетта“ на која слатата и десертот беа „украсени“ со темјанушки и јаглики. Иако потекнува од Европа, одамна се проширила и во другите делови на светот. Темјанушката е повеќегодишно растение со задебелен и краток корен, од кој се развиваат листовите. Темно виолетовите миризливи цветови стојат поединечно на долги стебленца. За многумина незабележливи, зрелите мешунки се отвораат со три клапи, од кои паѓаат мали и темни семиња. Расте во чистини, меѓу грмушки, на засенчени места покрај шумските рабови. Се одгледува и во градини, каде што многу брзо се размножува. Секој може да ископа неколку коренчиња од шумата и да ги засади во својот двор. Следната пролет ќе има виолетов „тепих“ во дворот. Скриен резервоар за семиња Освен што се размножува со делење на корените, истотака може и со расфрлање на семиња. Кога цветот созрева, се отвора малата мешунка од која паѓаат мали семиња. За да може темјанушката да дава семиња, дури и кога цветовите страдаат од мраз, природата им обезбедила златен резерва. Пред крајот на сезоната на растението се појавуваат цветови кои никогаш нема да процветаат. Тие растат на пониски стебенца, кои понекогаш се кријат под земја, а нивната улога е да произведуваат семиња. На крајот на сезоната на цветање, листовите на темјанушката се задебелуваат, за да овозможат почвата на која растат да остане скриена од сончевите зраци и доволно влажна за младите растенија да се развијат од семиња. |

Лековито е целото растение
Темјанушката има многу пријатен, многу препознатлив и својствен мирис, кој при сушењето речиси целиот се губи. Целата билка е лековита. Содржи гликозиди сапонини, флавоноиди и cлуз што и дава лековити својства. Содржи и салицилна киселина, алкалоидот виоли, и одоратин, кој е најлековитиот во темјанушката, етерично масло и некои соли, витамин Ц, каротен. За лек се собираат лисја, цветови и корени. Цветовите треба да се берат на сончево време. Сите делови од растението се сушат во сенка, на провевни места и се чуваат до употреба. Се користи во лечење на астма, туберкулоза, главоболка, надуеност, болки во грлото, осип, шарлах, белодробна катара. Поради смирувачкото дејство, темјанушката се користи и за лекување на хистерија, хипохондрија, нервно чукање на срцето поврзано со чувство на страв и отежнато дишење, но и при несоница или главоболки.
ЧАЈ
Чајот од исушените цветови на темјанушката се лек за кашлица и болно гpло, пpодира длабоко преку кpвта и лимфата. Најважното медицинско својство кое го има љубичицата (Viola odorata L) е да пpодре во ткивата на оpганизмот, во кои по правило навлегуваат само кpвта и лимфата. Кога доспева во овие ткива, таа ги остранува отpoвните материи кои таму се натрупале. Чајот е корисен за лекување на тегоби со дишните патишта, за намалување на телесната температура при грозница, како и при главоболка.
СИРУПИ
Рецепт 1: Една чаша цветови од темјанушка се потопува во половина литар вода. Се додава и сок од два лимони, па се остава преку ноќ, односно, да отстои 24 часа. Потоа се става на оган да зоврие, па се процедува. Во течноста се додава 1 кг шеќер (обичен или интегрален, а може и мед) и 1 мала лажичка лимонска киселина. Ставете го повторно на оган за да се раствори шеќерот до зовривање, оставете го да излади, па складирајте го во шише. Се користи како сок на растворање или се пие по една лажичка како сируп, трипати во денот при настинки и бoлки во грло.
Рецепт 2: 90 грама цвет од темјанушка, 120 г шеќер, 1,5 литар вода. Цветовите прелијте ги со врела вода и оставете 24 часа. Следниот ден процедете ги, стиснете ги цветовите убаво, па додајте шеќер и на тивок оган мешајте додека да се растопи. Кога ќе зоврие тргнете од оган, поклопете и оставете да излади. Прелијте во стаклено шише и добро затворете. Чувајте на темно место. Овој сируп се користи за кашлица, болки во грло, несоница.. Се користи по потреба. Вака термички сварен сирупот може да трае и неколку години.
Рецепт 3: Ако не сакате да го готвите сирупот: 100 грама цвет од темјанушка се попаруваат со 1 литар зовриена вода, се поклопува да отстои 12 часа. Се процедува сокот, не се вари. На еден литар течност се става 1 кг шеќер. Се меша додека да се растопи шеќерот, па се складира во cтерилни шишиња.

ЛИКЕР
80 цветови се потопуваат во 0,5 литар лозова ракија. Се остава на темно место една седмица. После тоа се процедува и се додава 500 грама мед. Се остава уште една седмица на сонце.
МЕЛЕМ
Еден грст темјанушки потопете во растопена свежа свинска маст и оставете ги преку ноќ. Следниот ден повторно загрејте ги на тивок оган, потоа процедете ги низ газа и налијте во соодветни садови. Може да се додаде и некоја капка етерично масло. Овој мелем е одличен за сува кожа.