Давид, неуморниот фармер и активист, како и секогаш, го споделува своето искуство од фармата „Кози, млеко и планина“. Овојпат за молзење на козите на молзилиште со рампа и коридор.
Ова лето имавме прилика да извршиме молзење на козите на еден поинаков начин по примерот на успешните фарми во светот.
Најнапред сакам да му честитам за еланот и ентузијазмот на тимот за фарми од „Евро Стил“ и турнејата со молзилиштето која ќе ја прави на повеќе фарми за ситен добиток (кози и овци).
Од името на „Кози, Млеко, Планина“ морам да споменам дека се чувствуваме почестени и привелигирани бидејќи село Раштак беше првата станица од оваа турнеја, за која цениме дека е од огромно едукативно значење и предмет на размислување за во иднина.

За мене како фармер, одгледувач кој се стреми за што поголема благосостојба на козите ова беше едно одлично практично искуство со сопствен добиток да се запознаеме со предностите на ваквиот модел на работа, но не поттикна и да размислуваме и критички.
Се работи за монтирано молзилиште со коридор каде што движењето на козите е ограничено со цел да стигнат до рампата за исхрана и да се изврши молзењето додека козите јадат, па потоа се ослободуваат и враќаат назад во шталата.

Молзилиштето беше монтирано и адаптирано според можноста на теренот и просторот, со цел да се добие максимум од функцијата.
Молзењето се одвиваше на машински начин со по четири (4) кози одеднаш, додека јадат концентрирана храна. Морам да забележам дека за козите новата ситуација беше стресна и тешко одеше молзењето, не се качуваа сами и моравме да ги качуваме ние се додека не ја видоа наградата пред нив. За овој метод на молзење потребно е континуитет за да свикнат, сметам дека најдобро би било зимските месеци кога нема млеко за на почеток на сезоната да бидат опуштении веќе да го знаат редот.

Ѓумовите и останатите елементи за молзење беа под самото молзилиште, под козите. Значаен елемент е поголемата прегледност и олеснетото одржување на хигиената на вимињата пред и по молзењето, како и контролата при самото молзење. Овој метод овозможува олеснето маневрирање и при дополнителни хигиенски мерки како што е шишањето и одржување на копитата што не беше случај овој пат бидејќи козите беа под стрес.


Се надевам дека моево споделено искуство ќе биде од било каква полза за фармерите и идните фармери и дека ќе ги инспирира во нивните идни планови и идеи, да стапат во директна акција со цел поголема благосостојба на добитокот но и на фармерите.
Искуството го сподели: Давид Неделковски, фарма „Кози, млеко и планина“ село Раштак, Скопска Црна Гора