Малите земјоделски стопанства се носечка сила во обезбедувањето на храна од македонското земјоделство. Половината од вкупниот број на стопанства, чиј број изнесува повеќе од 180.000 се од мал обем.
Голем дел од нив одгледуваат разновидни житарици, овошје и зеленчук, кои најчесто се откупуваат за пласман на пазарот како свежи или за големите преработувачки капацитети, но само мал дел од нив ги преработуваат во производи како џемови и мармалади, ајвар и туршија, домашни тестенини и пецива, како и дестилати, вино, а во поново време и пиво. Во такви случаеви, многу често применуваат традиционални рецепти на производство и суровините потекнуваат од локалните сорти што претставува дополнителна можност за валоризација на нивниот потенцијал, надградувајќи ја својата дејност како оператори со храна. Но нивниот развој е забавен, од причини што при нивната работа и пристап на пазарот, додека стигне производот до крајниот потрошувач тие се соочуваат со бројни предизвици, кои ги обесхрабруваат да се зафатат со реализација на ваквата идеја.
Изминатите 10 години, како дел од нашата мисија Слоу Фуд Македонија овозможува да им даде глас и видливост на малите производители, да ја подигне јавната свест за вистинската вредност на нивната работа и да ги отстрани пречките до пристапот на пазарот за нивните производи. Една од пречките кои од скоро е отстранета е донесувањето на новиот правилник со кој се регулираат условите на производство и ставање во промет на производи од неживотинско потекло, како: преработки од овошје, зеленчук и печурки, зачини и чаеви, жита и преработки од жита и пекарски производи, кондиторски производи, жестоки алкохолни пијалоци, пиво, вино и безалкохолни пијалоци Овој правилник ги пропишува и условите под кои се вршипроизводи со традиционални карактеристики произведени со традиционални методи за производство на преработени производи од неживотинско потекло.

Правилникот ги опфаќа малите оператори со храна, кои произведуваат и ставаат во промет мали количества храна, т.е. правни или физички лица кои што произведуваат, преработуваат или ставаат во промет храна од неживотинско потекло, во количества до максимум 10 тони готов производ на годишно ниво со исклучок на производство на жестоки алкохолни пијалаци каде што максималното дозволено количество е 2.500 литри на годишно ниво, за производство на пиво максималното дозволено количество е 150.000 литри на годишно ниво и за производство на вино максималното дозволено количество е 100.000 литри на годишно ниво.
Со овој правилник се пропишуваат отстапувањата од посебните мерки за хигиена за малите бизниси, начинот и барањата кои треба да се исполнат при директно снабдување со храна од страна на производител до краен потрошувач, условите за просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите кои произведуваат како и начинот на производство на храна со традиционални карактеристики.
Во изминатите години, малите производители не се гледаа како посебен сектор. Постоеја повеќе законски ограничувања, а стратегиите и програмите во кои се планираше и поддржуваше нивниот развој не беа имплементирани или фокусирани посебно на нив. Во овие услови и ограничувања загрозен е опстанокот на локалната автентична храна, традиционалните рецепти и локалниот биодиверзитет.

Флексибилната законска рамка, која ја овозможува овој правилник е почетна точка за развој која им отвора и нови канали за дистрибуција до локалните угостителски објекти и туристите. Таа ќе придонесе кон збогатување на гастрономската понуда во туризмот која во моментов е оскудна и покрај огромниот потенцијалот кој го имаме. Истотака преку агротуризамот, како автентична понуда, тие целосно ќе го искористат својот потенцијал, дополнително ќе ја зголемат продажбата, ќе отворат повеќе работни места и ќе придонесат за одржливост на малите и семејните агробизниси.
Со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, Слоу Фуд Македонија, учествуваше во процесот на подготовка на правилникот, преку работата во работната група составена од Агенцијата за храна и ветеринарство. За таа цел беше изработена Анализа за законската рамка за преработени производи од растително потекло во поддршка на малите бизниси со храна, која вклучува и преглед на предизвиците и позитивните практики од регионот и ЕУ. А веќе се подготвува и дата база на мали бизниси со храна со која се има за цел да се идентификуваат, информираат за релевантните регулативи за условите за регистрација на нивното производство, за достапната поддршка и споделување на информации за можности за финансирање и промоција, како и остварување на директна врска со потрошувачите.
Слоу Фуд Македонија делува во насока да направи промена што ни е потребна во изградбата на одржлив локален систем на храна. Посветено работи во поддршка на малите произиводители на храна од руралните средини и секогаш ја потенцира нивната важност за локалната економија, снабдувањето со храна и заштитата на биодиверзитетот и традициите. Притоа ги промовира агроекологијата и одржливата исхрана како мошне значајни елементи за обезбедување на подобра животна средина и благосостојба.
Извори:
1.Анализа за законската рамка за преработени производи од растително потекло
