Локалните автентични производи се обележје на секое село и град и на луѓето кои ги произведуваат. Скоро секогаш суровините за производство на ваквите производи се истотака од локално потекло и од локални генетски ресурси. Овие производи се резултат на акумулираното знаење со генерации за нивно производство.
Затоа за нив велиме дека се репрезент на локалниот идентитет. Тие имаат потенцијал да ја стимулираат локалната економија, како и социјално и културно да ја обединат локалната заедница, што е една и од главните цели во делувањето на Слоу Фуд.
„Паланечкиот симит“ е обележје на Крива Паланка и традиција на производство која ја негувале паланечките фурнаџии со која го пречекувале секој добронамерник во градот и претставувал најпосакуван подарок кога паланчани оделе на гости. Тајната на добриот вкус е посебната технологија на подготовка на мајата од наут која се подготовува од претходниот ден и со која се замесува тестото за симитот.
За жал денес, вистинскиот вкус и мирис останал само во меморијата на секој кој го пробал и како знаење на постарите фурнаџии. Оригиналната рецептура и технологија на производство е зачувана и пренесувана од колено на колено во фурнаџијата Стојковски Станојко повеќе од 100 години.
Деновиве започнуваме една благородна идеја за возобновување на неговото проиизводство благодарение на заедничката иницијатива на министерот Љупчо николовски и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка, семејството Стојковски и локалната група на членови на Слоу Фуд од Крива Паланка.

„Со посебна љубов и обврска, како министер надлежен за заштита на традиционалните производи, со Slow Food Macedonia и градоначалникот Сашко Митовски започнуваме еден проект што вреди многу за нас и генерациите. Да го вратиме мирисот и вкусот во стара чаршија, да помогнеме со сите мерки и програми и го внесуваме на меѓународните каталози за традиционални специјалитети“ напиша министерот Николовски на социјалните мрежи по одржаниот заеднички состанок.
Една од првите задачи на Слоу Фуд Македонија е да се впиши „Паланечкиот симит“ во Арката на вкусови, светскиот каталог на прехранбени производи на Слоу Фуд на кои им се заканува опасност од исчезнување, потоа да работиме заедно со локалните фармери во обезбедување на основните суровини од локално потекло, обновување на производството со локалните фурнаџии, по што би се воспоставил и „Президиум на паланечкиот симит“, а истовремено и би се изготвил и елаборат за добивање на заштитена ознака заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Општина Крива Паланка заедно со Слоу Фуд ќе се погрижи за неговата промоција со организирање на фестивал на паланечкиот симит“, како и учество и промоции на овој гастрономски бренд на национално и меѓународно ниво, преку негова презентација и промоција на бројни настани и прилози на повеќе медиуми.
Оваа иницијатива е добар пример како сите здружени да делуваме во зачувувањето на нашите автентични производи и да ги градиме како локални гастрономски брендови, што е аманет и обврска кон нашите баби и дедовци, но и наследство кое треба да им го оставиме на наредните генерации.