Малите производители на храна не се карактеристични само според обемот на производство, туку тие играат важна улога во испораката на „јавни добра“. Нивната улога е клучна во зачувувањето на агробиодиверзитетот, природните ресурси и живописноста на селата.
Притоа со своето делување ги дополнуваат водечките сектори како единствена опција за вработување во руралните средини и помагаат за решавање на една од најболните теми, сиромаштијата. Тие значително придонесуваат и за зачувување на културното наследство, традициите, обичаите и секако производството на занаетчиски производи.
Слоу Фуд Македонија подготви Анализа за законската рамка за преработени производи од растително потекло во поддршка на малите бизниси со храна, која вклучува и преглед на предизвиците и позитивните практики од регионот и ЕУ. Врз основа на наодите, Слоу Фуд го гради својот став и активно учествува во работната група која го развива правилникот за флексибилност, во кој ќе бидат зацртани минималните стандарди во однос на производствените капацитети, хигиена, опрема и материјали што треба да ги исполнат малите преработувачи на производи од растително потекло. Во консултации со надлежните институции и останати чинители од секторот, Агенцијата за храна и ветеринарство, правилникот за флексибилност треба да го усвои како национален подзаконски акт.
„Нашата цел е преку активно учество во подготовката на овој правилник е да помогнеме во подобрувањето на условите за производство и дистрибуција на малите производители кои преработуваат примарни суровини од растително потекло во висококвалитетни и автентични производи, најчесто следејќи традиционални технологии и рецептури. На тој начин ќе ги стимулираме производителите и ќе дадеме придонес во креирањето на политиките за поддршка кој во иднина треба да игра значајна улога во руралниот развој“, Емилија Неделковска, програмски координатор во Слоу Фуд Македонија
Кога станува збор за креирањето на земјоделските политики од голема важност за секоја земја е реалното согледување на состојбата на терен во поглед на примената на конкретни закони и регулативи, како и потребата од нивно дополнување, промена или креирањена нови законски рамки. Затоа е потребно што почесто да се преземаат чекори и активности за актуелизирање и решавање конкретни проблеми кои произлегуваат од соодветната политика.
„Нашиот производ нуди повисок квалитет од сличните производи кои се достапни на пазарот. Се надеваме дека донесувањето на ваков правилник ќе го олесни пристапот до пазарот, а тоа ќе биде стимул за развој на производството каде повеќе семејства вклучени во президиумот „Буково“ ќе ја гледаат својата перспектива и ќе размислуваат за развој на свој семеен бизнис. На тој начин тие ќе дадат придонес во зачувувањето на биодиверзитетот и традицијата на овој производ – ова можи ама и немора“ , изјави Елизабета Каровска, претседател на президиумот „Буково“
Слоу Фуд го застапува ставот дека малите земјоделски стопанства не претставуваат никаква закана или пак конкуренција на големите компании или интензивните фарми. Притоа се повикува на искуствата од земјите членки на ЕУ, кои имаат изнајдено соодветни решенија и модели за поддршка на малите фарми, засновани на карактеристиките на земјоделството на секоја земја поединечно. Со тоа создале услови за нови вработувања во земјоделскиот сектор, подобрувајќи ја нивната конкурентност и намалувајќи го степенот на депопулација на руралните средини.

„Давањето на можност за продажба на традиционалните производи во угостителските објекти, ќе ја збогати гастрономската понуда и ќе привлече повеќе туристи, кои се потенцијални купувачи на ваквите производи. Тоа ќе овозможи подобра валоризација на нашите производи, кои ги произведуваме сами, со нашите семејства“– Илинка Веселиновиќ, есопственик на ресторанот „Казабланка“ во Дојран, а воедно и производител од президиумот „Слатко од диви смокви“
Флексибилната законска рамка, прилагодена на капацитетите и потребите на малите производители, ќе им овозможи да го искористат својот економски потенцијал, да ја зголемат продажбата, да отворат повеќе работни места и да придонесат за одржливост на сопствените мали и семејни агробизниси.
Слоу Фуд Македонија, учествува во процесот на донесување на флексибилна законската регулатива која ја подготвува работна група составена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Активностите се поддржани од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC)
Оваа анализа е изработена со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).
