Радоста во чинијата како антидепресив

НовостиХрана за размислувањеРадоста во чинијата како антидепресив

Сподели

Антидепресив чинии во функција на слофудашко размрдување.

Откако знам за себе, а меморијата ми е импресивна – и во квантитетот и во квалитетот, храната ја сметам за голем дар. Седнувањето на софра е магија а јадењето радост: спојува луѓе, весели, ех какви се убавини се раѓаат на маса полна со чинии, чинивчиња, миризливи тепсии и полни со сласт тенџериња.  Ете, го поседувам чувството дека храната е нешто како антидепресив, а едно време толку бев навлечена во неа, што конфекцискиот број, за жал, зема  замав во неколку икса. 

Готвев и консумирав, и пак готвев и уште повеќе консумирав и тоа го сметав за безусловна поврзаност. Ех! Неретко, гастрономските „спектакли“ започнуваа напладне, ги заведуваа младите вечери и капитулираа во рани зори. И, за да декаденцијата заврши во голем стил, во тој меѓупростор се раѓаа моменти кога зборовите стануваа недоволни.

Сега е се по „слоу“, повеќе ужииииииивам, дозволувам несовршеностите на софра да станат совршени. Слоу фуд се пресели и во другите ментални катчиња, па ми стана начин на животот.

Но, последниот период од моето спокојно небо исчезнаа, се сокрија птиците, новата реалност, или- нормалност  безмилосно си го покажа суратот, а неизвесноста и стравот ги покрија сите личотии. Сакав да се спасам, и себеси и луѓето околу мене.

Готвењето ми е страст, се што правам е момент на инспирација © Валентина Вања Тодоровска

Така се родија моите антидепресив чинии.

Бидејќи готвењето ми е страст, се што правам е момент на инспирација. Уживам во месење, пити, прои, леб… толку ме „напукуват“ со смејалици- радосници, па ги  токмам за сликање уште повесела.

Барам светлина за подобра фотографија и сонцето често слетува на балкон- чорби со спанаќ и штавељ искомбинирани со расцутени маргаритки, толчени пиперки што гледаат на Партизанска, дроб сарма со посветеност, салата со туна и пченка наросена со надеж, макало во фаза на флертување со топол, киснат леб, грав во нераскинлива врска со зелка, млад кромид и маслинки…И најважното, во финалето токму тие чинии беа причина за дружба.

Утрово го слушнав цврчорењето на врапчињата. Си велам, ако разбирањето и убавината го менуваат светот, можеби птиците ќе се вратат.

Автор: Валентина Вања Тодоровска, член на Слоу Фуд Водно и уредник на 7dena.mk

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...