Три Слоу Фуд приказни…

НовостиВо фокусотТри Слоу Фуд приказни...

Сподели


На Тера Мадре Македонија, настанот кој викендов се одржа во Битола, запознав прекрасни луѓе. Луѓе кои подготвуваат производи со приказна. Македонски производи, со долгогодишна традиција, од кои се обидуваат да направат бренд. Македонски бренд! Посакав да ве запознаам барем со тројца од нив…

 

Приказна прва: Гуна Маркова, Валандово

Првата Слоу Фуд приказна е резервирана за прекрасната Гуна Маркова од Валандово. Гуна ми го привлече вниманието со нејзиното необично име, за кое вели дека е најверојатно скратеница од преубавото старо македонско име Благуна. Потоа, го забележав нејзиниот свеж и беспрекорен тен, кој најверојатно е резултат на здравата и свежа храна, радоста на живеењето, а сигурно и добрата генетика. Но, верувам дека многу е до храната и до мислите што во себе ги носиме… Гуна, ја забележав и по прекрасните мали теглички на нејзиниот изложбен простор, полни со слатко од диви смокви. Не издржав, веднаш купив две!
Слаткото од диви смокви е задолжително за секој дом. За наутро со кафе и чаша вода, како десерт по ручекот или навечер за посакување добредојде на гостите. Особено, ако го подготвила Гуна. Од еколошки чисти смокви, здраво, македонско и прекрасно! Гуна е дел од Президиумот на слатко од диви смокви.
Гуна, е производител на слатко од сливи, цреши, вишни… Дури подготвува и слатко од тикви и патлиџан. Подготвува ајвар и краставички во тегла. Но и компоти и сокови од вишна, праска, круши, сливи. Потекнува од земјоделска фамилија и има бавча со калинки од кои прави сок без никакви додатоци. 100% природен и го чува во замрзната состојба зошто така најдолго останува свеж и ги зачувува квалитетните состојки и витамините.
Гуна е интересна и по тоа што е единствена жена во Валандово што пече ракија, позната како единствен женски казан. На фестивали, како Ракијада на пример, секогаш казанот број 1 е резервиран за Гуна, која секогаш покрај казанот поставува и маса на која сервира домашни јадења кои сама ги подготвила. Највкусни и најпознати се нејзините Татлии, направени од брашно, јајца, гриз и пресно сирење…. а потоа полиени со шербет! Татлиите, вели Гуна се стар специјалитет во нејзината фамилија.
Уживав во дружењето и раскажувањето на Гуна, која ме испрати со зборовите: „Во Слоу Фуд се е убаво, но дружењето најмногу ме возбудува. Токму тоа ме потикна да се приклучам во Слоу Фуд и со тоа да запознам многу нови луѓе“.

stevce-i-guna-na-terra-madr

Приказна втора: Стевче Доневски, Кратово

Втората Слоу Фуд приказна е резервирана за Стевче Доневски од Кратово. Не можеш да поминеш покрај штандовите на фестивалот, а да не го забележиш Стевче. Тој свети како ѕвезда. Со очи полни љубопитство, насмеан и секогаш расположен за муабет. А штом почне да раскажува, ќе разбереш дека човекот навистина знае многу и е како жива енциклопедија. Стевче е познат по производството на к’цана сол. Неговото семејство к’цаната сол ја произведува веќе 250 години. Замислете…. Инаку, к’цаната сол се произведува од 12 зачини како нане, мајчина душичка, босилек, рузмарин…Тринаесеттиот зачин е морската сол. Морска, заради јодот. Зачините во к’цаната сол на Стевче се од неговата бавча. Тој истакнува дека е многу битно се да биде од старо семе, затоа што старите семиња се најубави, зачувани со векови и најароматични. Ароматичните билки Стевче ги бере во одреден период. Првата група билки до Ѓурѓовден, втората до Илинден, третата после тоа…. И најбитно, ги суши под сенка.
Секоја куќа има потреба од сол. Секоја кафеана исто. Сите ја користиме при подготовката на јадења. Тогаш да ја користиме најубавата, најприродната највкусната, најздравата, к’цаната сол! Подготвена со толку многу љубов, по рецепт сочуван со векови! К’цаната сол е кратовски бренд! К’цаната сол е македонски бренд! Ти благодариме Стевче за тоа!
„К’цаната сол, но и сирењето, и слаткото од диви смокви, виното од станушина… сите се тие македонски бренд. Македонија е идеална за гастрономски тури и богата со традиции кои треба да се заштитат“ – ни рече на заминување Стевче од Кратово, канејќи не во неговиот хостел во Кратово и честејќи не со ’ржано лепче без квасец, уште еден кратовски производ, злато вреден!


Приказна трета: Душко Андов, Кавадарци

Третата Слоу Фуд приказна е резервирана за Душко Андов од Кавадарци. Душко членува во Слоу Фуд Македонија од 2010 година. Најпрвин се зачленил поради дружењето, запознавањето нови луѓе и стекнувањето на пријатели. Запознавањето на нови вкусови го предизвикало и тој да почне да произведува, да создава нови производи, да го шири асортиманот и слично… Душко е сопственик на винаријата Ерос каде произведува вино Вранец, бело вино Темјаника и најважно, Станушина, вино од стара сорта на кое му се заканува исчезнување, новиот Президиум на Слоу Фуд во Македонија. Но, благодарение на луѓе како Душко, виното од станушина опстанува и станува македонски бренд!
„Има нови сорти на грозје, но нас ни е важно да се зачува старата сорта станушина. Со тоа сакаме да ја продолжиме традицијата. Треба да го цениме нашето и од него да направиме бренд. Повеќе македонски производи, ќе придонесат за повеќе вработени луѓе и благосостојба за сите“- истакна Душко.
Тој, покрај виното, произведува и сок од грозје, чист, природен, без додаток на шеќери и конзерванси. А, превкусен! Го пробав и си понесов едно шише за дома! Сокот е модификација на маџунот, тиквешки призвод, стар над 300 години и повеќе.

Слоу Фуд Македонија ја организира оваа манифестација со финансиска поддршка на Европската Комисија, преку проектот “Еколошко одржливсоцио–економски развој на руралните средини (ЕССЕДРА)„ и со поддршка на партнерите: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југо источна Европа SWG, преку проектот  „Рурален развој преку интегрирано управување со шумските и соводните ресурси (LEIWW)”поддржан  од програмите на ABD и GIZ;  Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка;  Центар за развој на пелагонискиот плански регион, Општина Битола и приватни компании.

Текст: Наташа Николовска Мустафа
Фото © Беким Мустафа

 

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...