Прослава на уникатниот вкус


Уште еден викенд е пред нас, но не е обичен, ќе го поминам во уживање во југоисточниот регион на Македонија, со маршута на движење во триаголникот Дојран-Гевгелија-Богданци. Веднаш би ви паднале безброј идеи за тоа што би правел таму во овој период од годината: лов на риба во Дојран или бурен ноќен живот во Гевгелија? И сето ова беше дел од нашата агенда, но поводот беше фестивалски и главната цел да се биде дел од овогодинешната подготовка на Слатко од диви смокви и да се ужива во неговиот единствен вкус. Минатата година за прв пат во Дојран, но годинава покрај на брегот од езерото се славеше и во Богданци, заедно со неговиот патрон, Св.Атанасиј. Годинава за првпат домаќини ни се новите конвивиуми на Слоу Фуд ­ Дојран и Росалес­ Богданци, a помеѓу гостите беше и нашиот координатор во централната канцеларија на Слоу Фуд, Микеле Румиц.

И секој на свој начин, секој со можностите и несебичната поддршка на локалните власти ја организираа прославата. Распалени горилници и казани во кои пливаа зелените плодови, домаќинки со престилки, дружељубиви и љубезни, подготвени на секој љубопитен да му ја објаснат процедурата за подготовка на слаткото. Штандови, храна во изобилство и повторно секаде главно обележје се дивите смокви. Пред бројните гости секој сака да ја истакне својата „мајсторија“ во подготовка на слатко и неговото вклучување во други традиционални слатки задоволства.

И дефинитивно добро се комбинира со својот вкус и ја збогатува секоја декорација на трпезата. Евидентен беше и напредокот во изгледот и пакувањата на тегличките со слатко кои ги нудеа Слоу Фуд членовите, производители како и нивната презентација на слаткото пред потенцијалните купувачи, благодарение на проектот на Президиумот и посветената работа на сите вклучени во него. И сето тоа не би било комплетно ако секој не пробаше од рибните специјалитети, локалните вина или да ги слушнеше „Распеани Дојранчани“ или да ја погледнеше богатата програма во Богданци.

Наврајќајќи се кон дома се присетувам како наивно ја започнавме целата приказна пред две години, дискутирајќи на еден состанок за риболовот на мандри со Пиеро Сардо, претседател на Слоу Фуд Фондацијата за биодиверзитет и Серена Милано, генерален секретар и одговорна за интернационалните президиуми, им послуживме слатко од диви смокви. Уште при нивното прво вкусување, вниманието им беше пренасочено кон слаткото, посебниот вкус, дотогаш не вкусен, ги вплени со својата едноставност и комплексност во исто време. И потоа беше лесно да се проголта целата приказна, како од еден неугледен див плод кој вирее на југот од Македонија, се претвора во едно слатко задоволство, сето тоа благодарение на знаењето и семејната традиција пренесувана од генерација на генерација во домовите на локалните жители.

Промовирајќи ја оваа традиција веќе две години, развивајќи се во проект и асоцијација на производители, слаткото стана претпознатлив бренд од тој крај во Македонија, но и меѓународно познат по официјалната промоција на „Салоне дел Густо“ минатиот октомври и по повеќето репортажи и статии објавени во странски медиуми. Слаткото стана дел од македонската национална трпеза при различни претставувања и коктели организирани од страна на официјални институции и амбасади на Македонија во други земји.

И така помина уште еден викенд, се врајќам дома со неколку „гастро-сувенири“, теглички со слатко, понесувајќи го со себе славниот вкус и задоволството за успешната Слоу Фуд приказна од југот на Македонија.

Текст: Николче Николовски
Фото: диви смокви, слатко © Slow Food Macedonia архива