Компанија за производство на здрава храна почна предавања во основни училишта низ Македонија, на кои учениците ги учат како здраво да се хранат.
На основците во македонските училишта засега им следува само ужина, а најчесто јадат кифли, хамбургери, чипс, чоколадо.
Средношколците за време на големиот одмор најчесто тркнуваат до најблиската сендвичарница или бурекџилница, а ништо поразлични не се ниту студентите.
Како да се сменат навиките и како од брза да се премине на здрава храна?
Топол оброк
Топол оброк во училишна менза е убаво сеќавање на генерациите ученици од пред 15 години.
Таква привилегија денес ја имаат само основците од прво до четврто одделение, кои посетуваат целодневна настава во училиштата во Скопје.
Учениците од петто до осмо одделение пак, секој ден се на сува храна:
-„Разновидни бели печива. Секој ден, од понеделник до петок е различно. Има сендвичи со кашкавал или со салама, кифли, солени кифли и благи кифли, лиснати“, велат во основно училиште во Делчево.
Тоа е една од причините што компанијата „Виталиа“ почна да ги учи основците во Скопје како да се хранат здраво. Нела Деспотовска е доктор по општа медицина во компанијата:
-„Прва фаза ни е обука на децата, навиките за здрава храна, кои се здрави производи, а втората фаза ни е да се сменат навиките на исхрана кај децата. Односно кои најчесто ги користат во училиштата: ’чипс’, ’смоки’, да се заменат со содветни производи од палетата на ’Виталиа’. Чоколадните бонбони и вафлите би ги замениле со житни плочки или штангли, а ’смоките’ со експандирани житарици“, објасни Нела Деспотовска, доктор по општа медицина од „Виталиа“.
Замена на брза со поздрава храна во училиштата, дури и отворање на училишни кантини предлагаат и во Фондацијата за бавна храна која во Македонија за прв пат е основана пред неколку месеци.
Филипо Унтерхофер, претседател на Фондацијата за БиБиСи вели:
-„’Слоу фуд’ организира еден проект во Европа кој се вика ’слоу фуд’ во менза, каде се вклучени од градинки до универзитети и каде на пример, деца може да учат разлики помеѓу индустриски и традиционални производи. Во Македонија ние почнавме заедно со угостителското училиште ’Лазар Танев’, и кога беше меѓународниот ден на бабите, училиштето организираше една вечера само со традиционални производи, со рецепти од баби на учениците.”
Сендвичарници
На училишен одмор, пауза од предавање или од работа, на учениците, студентите и вработените, најлесно им е да јадат на брзина во најблиската сендвичарница.
БиБиСи праша неколку случајни минувачи колку често јадат брза храна и каква:
-„Тостови, скоро секој ден кога сме на факултет.“
-„Се’ од брза храна, вкусно е.“
-„Не, не јадам воопшто брза храна затоа што не е здраво.“
Основците во наставниот процес од лани имаат само теоретски допир со тоа што значи здрава храна – преку предметот за развивање животни вештини.