Home Новости Луѓе, места и храна Коледе леде, денес е Бадник, утре е Божиќ

Коледе леде, денес е Бадник, утре е Божиќ

0
Коледе леде, денес е Бадник, утре е Божиќ
Фото кредит: Од фототеката на Етнолошкиот музеј, фото Благоја Дрнков, 1956, Скопска Црна Гора.

Божикните празници кај Македонците изобилуваат со обичаи и верувања поврзани со почетокот на Новата година. Се верува дека здравјето, родот и благосостојбата на семејството зависи од тоа како ќе започне Новата година. Затоа, на овие празници се практикуваат обичаи и верувања кои имаат за цел да го обезбедат токму тоа, здравјето и благосостојбата на семејството и плодноста на стоката и нивите. Во разни краишта на Македонија среќаваме исти или различни обичаи и верувања, некои од нив се одржале од дамнина до ден денешен, некои се измениле, а некои се јавуваат во поново време. Сите тие во себе освен што ја содржат желбата за просперитетна иднина, ја содржат и силната желба за заедништво кое во последните изминати години се повеќе се потенцира токму преку празниците. Бадник е празник кој го потенцира обединувањето, не само во семејството, туку и пошироко во заедницата. Бадник бил, е и ќе продолжи да биде еден од маркерите на колективната свест и идентитет на Македонците.

Ха, Ха, Коледе

Ха! Ха! Коледе!

Коледица, Варварица,

Сива, сива Голубица

кај си ошла прошетала?

Сум си ошла покрај море.

Што имаше, што немаше?

Та имаше бели чаши,

бели чаши и канати.

Да сʼнапие бели Божи.

Божик ми е на небеса.

Ха! Ха! Коледе!

Пири, пири

испириге Грците.

(Запишал Јордан Х. Константинов, „Цариградски вестник“, 1859 г.)

Олеле деде

Олеле деде!

Паднало греде,

отепало деде.

Дедо се влечи,

баба го плачи,

и си го теши:

-Молчи ми старче,

кусо магарче,

подај ми праче,

да отепам врапче,

да не ти к’лвнат

твојте гурелки.

Подај ми камче,

да утепам петле,

да не ти к’лвни,

твоите мрсулки.

 (Од Прилеп. Запис на Марко Цепенков.)

Коледе, Коледе

Коледе, Коледе,

Се замучи Божја мајка,

од Игната до Божиќа.

па си роди млада Бога,

млада Бога, Божиќа.

Коледе….

(Од Скопско, запис на Вера Кличкова.)

Утре вечер Бадник вечер

Утре вечер, Бадник вечер,

бодни коња на пазара

кјупи риба, јогула,

дојди дома да ја вариш.

Сркни риба – убоцај де,

пи си вино – весели се.

(Од Дербарско, запис на Васил Икономов.)

Коледица Барбарица

Коледица, барбарица,

сива, сива голубица,

долетала од планина,

и донесла убавина.

Коледари, кумашари

М’ри моме – Коледе,

не криј очи,

з’д мајка ти,

з’д татку ти!

Ние не сме

огледници,

сугледници;

туку сме си

куледаре,

кумашаре.

В’в полица

малку лебец,

дај го на мен,

да го турим

в’в торбица.

(Од с. Гајтаниново, Неврокопско, од збирката на А. Илиев.)

Идит Божик

Ид’т Божик.

носит ноже,

да колиме теле,

теле велит: – леле,

не коли ме мене,

коли го зајка!

Зајчина дечина,

подебели мечина.

(Од Охрид, запис на Ефтим Спространов.)

Извори:

Записи од теренски истражувања на Музеј на Република С.Македонија

Подготвено од Марко Китевски за МИА

Фото кредит:

Од фототеката на Етнолошкиот музеј, фото Благоја Дрнков, 1956, Скопска Црна Гора.

Музеј на Република С.Македонија