Home Новости Храна за размислување Прашања и одговори по извршени мерења од страна на студенти на козарска фарма “Кози Млеко Планина”

Прашања и одговори по извршени мерења од страна на студенти на козарска фарма “Кози Млеко Планина”

0
Прашања и одговори по извршени мерења од страна на студенти на козарска фарма “Кози Млеко Планина”

Кон самиот крај на минатата 2022 година беа извршени практични активности и мерења на нашата фарма од страна на студенти под надзор на професор и асистент при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје, во која имавме прекрасна можност да размениме знаење, љубопитноста беше двонасочна а лично ја доживувам како дел од оддржување на зборот кога од пред околу година или две, во една објава на која не се сеќавам на фотографијата но споменав дека е неопходно сите да учиме и во таа насока да дадеме заеднички придонес кон градење на довербата помеѓу фармерот, ветеринарот, институциите и консументите, да работиме пред се во олеснување на комуникацијата, овозможување на потенцијалот за идните генерации каде значењето на локалниот развој ќе ја добие својата заслужена титула како основа на секое општество, но на здрави темели во кои сме должни да бидеме транспарентни во кои добиваме  ние фармерите, научната и пошироката јавност.

Како член од мрежата на Slow Food Macedonia, поточно од конвивиумот Slow Food Vodno. Воден од личниот ентузијазам, активностите ми отворија прашања на што добив одговори кои ми ја проширија визијата и ме продлабочуваат во потрагата, не мотивираат да продолжиме со работа чија основа е благосостојбата на козите. Повелете…

Што представува сточарството и колкаво е значењето на производство на храна од анимално потекло?

За тоа што е сточатство, како официјална дефиниција може да се извади од книгата “Опште сточарство” од д-р. Д. Николиќ и д-р Б. Симовиќ (1985): Сточарството е гранка на земјоделското производство што се занимава со одгледување на домашни животни заради стекнување на економски придобивки: производи за исхрана на луѓето, разни суровини, работна сила, ѓубриво и сл.

Науката на сточарството се нарекува зоотехника и се занимава со настанокот и еволуцијата на домашните животни и нивните биолошки карактеристики; принципите на правилното размножување и методите на одгледување, потоа начините на проценување, изборот за приплод, правилната исхрана, негата и искористувањето; како и карактеристиките на индивидуалните видови, раси и соеви.

Тешко е со неколку зборови да се опише значењето на храната од анимално потекло. Човекот уште од минатото ги има припитомено видовите на животни кои што сметал дека ќе му бидат од корист. Сточните прозиводи како месо, млеко, маст, јајца и мед се, заради нивната висока хранлива вредност и добар вкус, од големо значење за исхрана на населението. Овие производи животните ги произведуваат од разновидната растителна исхрана која, во голема мера, човековиот организам не може да ја искористи за своја исхрана, и би останала неискористена.

Што значи благосостојба на добитокот и дали таа се одразува на финалната цел, производите?

Постојат повеќе дефиниции и описи за терминот благосостојба на животните. Како официјална често се зима дефиницијата на д-р Блум (1986), Благосостојбата на животното ја преставува неговата состојба во однос на неговите обиди да се справи со својата околина. Во денешно време благосостојбата на животните се поврзува со петте домени (Мелор, 2020): исхрана, животна средина, здравје, однесување и психичка состојба, каде што првите четири домени го фокусираат вниманието на фактори кои предизвикуваат специфични негативни или позитивни влијанија кај животните, кои придонесуваат за петтиот домен, неговата психичка состојба.

Благосостојбата е во голема мера поврзана со финалната цел, односно производството. Колку е повеќе задоволена благосостојбата на животните, толку имате помалку економски загуби. Доколку животното троши енергија поради несоодветна исхрана, несоодветни услови на држење, болки, стрес итн. за да се справи со овие негативни влијанија толку помалку таа енергија оди кон производни цели и со тоа се зголемува економската загуба. Со секоја болест и повреда на животното опаѓа и квалитетот на прозиводот, било тоа месо, млеко или јајца.

Колку и зашто е важна соработката, комуникацијата и градење на доверба помеѓу фармер и ветеринар и што тоа значи за конзументот?

Соработката и комуникацијата помеѓу ветеринарот и фармерот е од исклучителна важност за самата фарма, прозиводите, а последователно со тоа и за конзументот. Работата на ветеринарот на фармите во голема мера е заснована на превентива, бидејќи секоја болест и лекување носи дополнителни економски трошоци. Поради тоа, од исклучителна важност е фармерот да го сослуша ветеринарот и да ги примени во пракса неговите препораки и совети во врска со работата на фармата и држењето на животните. Нормално, важно е и ветеринарот да ги приспособи тие совети да одговараат на самата фарма, нејзиниот буџет, начинот на држење на животните, видот на животни и итн. Само со чиста комуникација и разбирање ќе се постигне добра соработка помеѓу ветеринарот и фармерот за да се одржи рамнотежа помеѓу потребите на фармерот, животните и конзументот која ќе резултира со квалитетен прозивод за кој е најмногу заинтересиран конзументот.

Пред самиот крај на ланската година, студентите извршија мерења/ анализи на фармата, какви се мерења се направија?

Мерења беа направени за квалитетот на воздухот (температура, влажност, емисии на гасови, микробиолошки и корпускулатни загадувања), квалитет на вода и квалитет на почвата:

ПараметарВредностСтандард
Температура13,53 °C10-15°C, јариња 15-18°C
Јаглероден диоксид (CO2)963,6 ppm<3000 ppm
Амонијак (NH3)10,6 ppm<25 ppm
Атмосферски притисок944.15 hPa/
Релативна влажоност63.8 rH%60-80 %
Топлотна радијација15,8 °C/
Осветлување41,4 lux1:20 во однос на под
Вкупна прашина29-211 (95.2) µg/m3<1500 µg/ m3 во 8ч
Бактерии  130 907 CFU/m3<100 000 CFU/m3
Габи (мувла)1 431 CFU/m3<2,000 CFU/m3
  • Во горната табела се прикажани амбиенталните услови во фармата, емисиите на гасовите и микробиолошките загадувања. Ова се средни вредности извлечени од сите мерења.
ПараметарБуреИзворКантиСтандард
Температура13 оС9.9 оС15.6 оС/
Прозирност0.47 NTU0.25 NTU0.9 NTU<2.4 NTU
рН7.497.587.386.5-9.5
Сув остаток9.89 g2.95 g01.07 g<1 g/l
Растворен кислород94.1 %; 9.60 mg/l98.4 %; 8.6 mg/l96.8 %; 9.11 mg/l< 8 mg/l
Електрична спроводливост5750 mS/m – 13оС39006.3 mS/m – 17 оС5020 mS/m – 15оС< 250 000 mS/m на 20 оС
Нитрити1.504 mg/l1.305 mg/l0.278 mg/l< 0.16 mg/l
Хлориди3.5453 mg/l6.02 mg/l2.48 mg/l< 250 mg/l
Бактерии31 000 000 CFU /mlN/A67 000 000 CFU /ml< 20 CFU /ml
  • Во горната табела се претставени испитаните параметри за квалитетот на вода, при што, направена е споредба помеѓу водата земена од бурето, водата од кантите за пиење на козите и вода од изворот.
  • Испитувања беа направени и за квалитет на почвата, при што, земени беа примероци од почвата од Блок Б, Блок Ц и од пасиштето. Стандардите за почва варираат во зависност од типот на почвата и за која намена се користи.
  • Од колкаво значење е размената на искуство помеѓу фармер и ветеринар (студент)?
  • Ова прашање е делумно е горе одговорено. Размената на искуствата е важна бидејќи со тоа ветеринарот останува информиран за начинот на работа и предизцивите со кои се справува фармерот, кои понатаму може да ги примени и за други фарми и со колективно собирање на информации до дојде до најдобрите решенија. Студентие најдобро учат за работата на фарма и сместувањето и одгледувањето на животните од самата фарма. На крајот на денот тоа им останува како информација која што ја помнат, а не буквите во книгата. Од друга страна, фармерот може да се здобие со најновите информации и знаења за чување и одледување на животните од ветеринарот, и на кој начин неправилното држење на животните може да му наштети на фармерот, на животните и на крајниот производ.
  • Дел од студентите прв пат влегоа во штала и ги извалкаат чизмите, се запознаа со нашиот модел на одгледување, каков е нивниот впечаток од ваш агол?
  • Студентите беа презадоволни од целосното искуство. Се гледаше дека навистина уживаа на терен да отидат и да ги заменат малце факултетските клупи за гумени чизми. Кога им спомнавме пак да дојдат за нови мерења, се пријавија речиси сите одеднаш. Задовлни се што имаа шанса да видат козарска фарма и газат меѓу козите, бидејќи не често имаат можност да одат на таква фарма. Дури и ние од Факултетот немаме искуство со козарските фарми како што би сакале да имаме и затоа сме многу благодарни за приликата. Моделите за одгледување на кози не се премногу детално опфатени во наставниот план како за некои поголеми животни и поради тоа е секогаш интересно да се види на каков начин се одгледуваат. Сите колективно сме задовлни од гостопримството на фармата.
  • Од колкаво значење е студентите да се запознаат со тековната практична работа на фармерот и дали постои интерес за нешто такво?
  • За да можат заинтересирани студенти во иднина да соработуваат со фармерите, многу е важно да се запознаат со работата на фармерот, за да можат најдобро да го разберат неговиот пристап, неговите потреби и порблеми за колективно да можат да се најдат најдобрите решенија. Доколку студентите навремено се изложат на работата на фармите и начинот на работење, постои шанса да се јави интерес кај нив за практичната работа на фарма и да разберат зошто е важно да се соработува со фармерите и какви придонеси тоа нуди за животните, за фармата, за нив самите, како и за општеството.

Голема благодарност за ентузијазмот и отвореноста на доцент доктор Мирослав Ќосевски, асистент Ена Добриќ и студентите во што сум сигурен дека ова беше само првиот чекор.
Голема благодарност до Slow Food Macedonia за можноста и додатната тежина на овој скромен облик на труд.
Голема благодарност до секој кој одвои време и го прочита текстот.

Со искрена почит, Давид Неделковски – Кози Млеко Планина.