Жените во земјоделството, решение за справување со кризата

Светот заздравува од четирите меѓусебно поврзани кризи со храната, финансиите, енергијата и климатските промени. Најпогодени од ова се руралните земјоделци. Овие промени доведоа до можност да се преиспита улогата на земјоделството. По три децении занемарување земјоделството се враќа на сцена, каде главната улога ја има жената.

Ако во минатото еден ден на жената започнувал со „снао спреми го трпезникот и однеси им јадење на нива“ , денес работите се движат во поинаква насока. Жените се оние кои се наоѓаат на самата нива.
Веќе почнуваат да се разбиваат стереотипите и поделбите на машки и женски работи, па конечно жената ја напушта кујната и го зазвема своето место во улога на движечка сила на секое поле.

 

Жена фармер! Како изгледа тоа?

Мајка, домаќинка, жена ….производителка на храна!
И покрај нивниот огромен придонес за храната, жените имаат тенденција да бидат невидливи „актерки“ во развојот. Домаќинството се зема како основна должност на жената, наместо да биде земена во националната економија. Надвор од домаќинстовото или се неплатени или неиспочитувани. Во повеќето земји, жените не се главни сопственици на земјиштето, кој е еден од проблемите кои преставуваат пречка во развојот.

Верувале или не, застапеноста на жените во земјоделството ги прави горди и рамноправни со посилниот пол. Бројот на жени менаџери, раководители на кооперативи неможе да се занемари. Земјоделството е важен двигател и претставува излез од сиромаштијата. Податоците покажуваат дека жените сочинуваат околу 43% од земјоделската работна сила на глобално ниво.

Жените произведуваат повеќе од половина од храната која се произведува, а признто им е само 1%. Во Африка и Карибите произведуваат 80% од храната, додека во Азија, обезбедуваат 50-90% од работната сила.

Иако, земјоделството се смета за стопанска гранка во која доминираат мажи, мора да признаеме дека водечката улога ја имаат жените. Жените се ‘рбетот на економијата во руралните средини, особено во земјите кои се во развој. Жените од руралните средини обавуваат поголем дел од работата како што е подготовка на почвата, а подоцна за чување на производите, преработка па и маркетинг на производот.

Земјоделскиот сектор во некои земји е на многу ниско ниво, поради тоа што жените се соочуваат со ограничувања од страна на мажите во пристапот до попродуктивни ресурси. Затворањето на овој родов јаз и овозможувањето на жените да имаат подобар пристап до земјоделството, технологијата и останатите ресурси би можело да го намали гладот за речиси 150 милиони, соопштуваат од ФАО.

Во повеќето места, жените ја имаат улогата на подржувачи на земјоделството, но во Кенија е потипично да видите жена со дете врзано на грбот со мотика во рака на поле, отколку во друштво на нејзиниот сопруг.

 

Жените производители, чувари на традицијата

Во Македонија е формирана Мрежа на жени фармери, во рамки на Федерација на фармери уште од 2005 година. Целта на оваа мрежа е да се јакне улогата на жената фармер и со заеднички сили да се спротивстават на предизвиците и проблемите што како земјоделци им се случуваат и да се борат за своите права и интереси како жени фармери.

Одличен пример за тоа како едни женски раце од копање во нива стигнаа до бренд на производ е президиумот за Буковската пипер во селото Буково, крај Битола поддржан од страна на Слоу Фуд кој може слободно да се каже дека е женски президиум. Вредните раце и високото ниво на свесност дека зачувувањето на старите сорти вреди богатство, треба да претставува инспирација која ќе ги придвижува останатите жени во таа насока.

Првиот президиум на Слоу Фуд во Македонија, исто така е женско дело. Собрани во здружението  „Еко Росалес“ со здружени сили, 30 жени го произведуваат веќе надалеку прочуеното слатко од диви смокви. Со  вложување на заеднички напори зачинети со задоволство, овие горди производителки денес се препознатливи по производството на овој производ.

Земјоделството како и другите гранки има потреба од воведување на нови идеи и вештини, како и да привлекува таленти кои правилно ќе ги исползува. Инвестирањето и подршката на жените во земјоделството покажа повеќе резултати како зголемување на продуктивноста, намалување на гладот и подобрување на животот на руралните подрачја. Но ова не се покажа како позитивна страна само за жените туку и за целата заедница.

Остануваат уште многу прашања… Што ќе јадеме утре, кога се сади, дали плодот е готов за берба…?
Таму, каде што мажот нема решение, жената е присутна со својата „магија“!

Анита Главевска
Фото © Иво Данчев