Во организација на Слоу Фуд Конвивиумот за југоисточна Македонија, во Гевгелија се одржа презентација на вина и храна од поднебјето на најтоплиот регион во Македонија.
Претседателката на Слоу Фуд конвивиумот за овој регион Ани Костадинова настанот го окарактеризира како начин на презентација на типични производи од овој крај, не само виното, туку и храна.
– Во рамките на досегашните наши ангажмани, годинава го промовиравме слаткото од диви смокви како автохтон производ од овој крај. Секако такво внимание заслужуваат и слаткото од црни патлиџани, слаткото од дуњи, пекмезот од сливи кои се карактеристика на традиционалната гевгелиска домашна кујна, изјави Костадинова.
На презентацијата беа изложени вина од домашните винарии: “Попов“, “Попова кула“, “Грков“, гевгелиските винарии “Риго-Импекс“, “Јостела“, “Дехри“, како и вонаријата “Кандонел“ од Тревизо, Италија.
Слоу Фуд е меѓународна организација за заштта на автохтони производи, која настанала пред 20 години, а денес е распространета низ 130 земји во светот, работејќи посветено на едукација на вкусови, рече на претставувањето на организацијата претставникот на првата матична организација со седиште во Италија Ренато Грандо.
Тој искажа пријатна изненаденост од традицијата за храна и пијалоци која ја запознал во Македонија, особено квалитетот на вината, за кои дознал при престојот во нашата земја дека постои со 2.000 годишна традиција на производство.
Неговата препорака до гостите на презентацијата беше: – Чувајте ги автохтоните производи, заштитете ги од заборав, и пробајте да не ги изгубите како одлика на вашата домашна животна култура.
Во рамките на презентацијата беше поставена и изложба “Timeless“ на авторката Мирјана Крстева Масети, која содржи 10 графики и уште 20 минијатури изработени со боите на виното. Авторката за свиоите дела рече дека се инспирирани од виното, но и дека поголемиот дел од нив се изработени со вино и златни пигменти како презентација на благородноста на јужното гевгелиско поднебје.
Следува ВИДЕО запис од искажувањата на организаторот на презентацијата, новоформираната организација “Слоу фуд конвивиумот“ за Гевгелија – Ани Костадинова, претседателот на националната Агенција за промоција и поддршка на туризмот – Насер Хот и претставникот на Slow Food Conegliano, од Италија, г-динот Ренато Грандо.
На крајот од нашиот прилог Ви презентираме една винско-златеста минијатура изработена од нашата гевгелиска уметница Мирјана Крстева Масети, која Ви ја испорачуваме заедно со Честитките за среќна и успешна Нова 2011 година.
www.gevgelijanet.com