Тиквешки маџун наместо хамбургер
Целта на разгранокот на оваа меѓународна мрежа е помалку да се користи брзата и нездрава храна и да се спаси од изумирање традиционалната храна, рецептите од бабите да се пренесуваат на децата
Петгодишната Виолета Николова од Kавадарци е едно од ретките деца во Тиквешко што знаат што е маџун, иако производот од грозје е традиционална мајсторија во најлозарскиот крај во Македонија. Благодарение на нејзината баба, чие име го носи, таа редовно го користи маџунот во исхраната, како сок или додаток во колач.
– Баба прави убав маџун и јас многу го сакам – ни рече Виолета.
Ја запознавме случајно на основањето на новата организација во градот на виното „Слоу фуд”, која ја промовира бавната наспроти брзата храна. Заедно со баба ~ деновиве беа во друштво на производители на типична тиквешка храна. Меѓу автентичните производи можеа да се забележат, покрај маџунот, и слатко од грозје без семки со парчиња од тиква кое во Тиквешко се вика „’рчели”, гроздов сок, полнети суви пиперки и многу други подзаборавени рецепти од нашите баби.
Лидерот на новото кавадаречко здружение, Горан Димитров, рече дека целта на сите оние на кои храната од тиквешкото поднебје им е фамилијарен бизнис очекуваат преку ваквото организирање да се претстават со локална храна на саеми во земјава и во странство.
„Слоу фуд” е меѓународна организација која постои од 1986 година, ја има во 160 држави во светот со повеќе од 100.000 активни члена. С` почнало како протест против отворање ресторан за брза храна. Kавадаречкиот разгранок е 12. по ред во Македонија.
– Се залагаме за промоција и заштита на гастрономските традиции на одредени региони и нивно претставување во светот. Се противиме на глобализацијата на храната и хемијата при нејзината преработка. Цел на интерес во овој регион за нас се станушината како автохтона локална сорта грозје и производите од грозје – ни откри Николче Николовски од Битола, национален координатор на мрежата на „Слоу фуд” во Македонија.
На средбата беше истакнато дека имаме поголемо гастрономско богатство од многу поразвиени земји од нас.
– Да се потпреме на традицијата и знаењето што ги добивме во наследство од предците. Во нашата генерација е иднината, ако не го пренесеме тоа богатство од нашите баби на нашите деца, дефинитивно ќе го изгубиме. Да го вратиме размислувањето дека храната е повеќе уживање, а помалку задоволување на потребите – беше нагласено.
Светлана ДАРУДОВА
www.dnevnik.com.mk