Производи од Македонија преку локалната Слоу Фуд мрежа беа претставени на вториот „Еуро Густо“ што се одржа во Турс, Франција.
На овој европски Слоу Фуд биенален саем посветен на вкусот, биолошката разновидност и култура на храна беа презентирани слаткото од диви смокви од президиумот во Југоисточна Македонија и галичкиот кашкавал и сирење од президиумот на сирења од Мавровско – реканскиот регион.
Од Слоу Фуд мрежата во Македонија информираат дека производите биле одлично прифатени од посетителите и оти биле заинтересирани повеќе да научат или да ја посетат Македонија.
– Во текот на „Еуро Густо“ беа остварени бројни контакти од кои се надеваме дека ќе произлезат конкретни соработки и реализација на заеднички идеи и проекти, додаваат од Слоу Фуд мрежата.
Во текот на саемските денови е одржана и конференција на европските лидери на Слоу Фуд на која се дебатирало за иднината на организацијата, нејзиниот развој и активното вклучување во прашања поврзани со храната на глобално ниво.
Саемот, на кој учествуваа производители од повеќе европски држави, го посетиле околу 20.000 посетители.
http://www.inpress.com.mk/