– Во Берово денеска почна манифетсацијата „Промоција на традиционалната храна на Малешевијата“.
– Ние ги негуваме обичаите и традиционалните вредности преку кои алтернативниот туризам како форма се наметнува и станува дел од нашето секојдневие. Токму затоа општината Берово е соорганизатор на промоцијата на традиционалната храна на Малешевијата, рече на отворањето на манифестацијата градоначалникот Драги Наџински.
Професорот од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, Мијалче Ѓоршиевски истакна дека во Македонија алтернативниот туризам има големи можности и треба да се практикува 12 месеци во годината. Тој потсети дека Обединетите нации оваа година ја прогласија за година на алтернативниот туризам.
– Нашите туристички асоцијации мора да развиваат агресивен маркетинг, а локалните и државната власт да ја помогнат изградбата на патната и комуналната инфраструктура, изјави Ѓоршиевски.
Филипо Унтерхофер од Меѓународната мрежа „Слоу фуд“ истакна дека Берово има голем потенцијал за производство на здрава храна, традиционален начин на нејзино подготвување и најави помагање на локалните иницијативи и проекти за заштита на био и агродиверзитетот не само во Малешевијата туку и во поширокиот регион.
Претставникот на Балканската асоцијација за алтернативен туризам „Балканија“, Владо Србиновски смета дека за развој на алтернативниот туризам потребно е отворање на граничниот премин „Клепало“ кон соседна Бугарија, со што подрачјето на Малешевијата ќе стане посакувана туристичка дестинација не само за домашните и гости од соседството, туку и за останатите граѓани.
За присутните беше организирана дегустација на малешевски пијалоци и јадења зготвени според стари рецепти.
Манифестацијата ја организира општината Берово во соработка со Балканската асоцијација за алтернативен туризам „Балканија“ и „Слоу фуд“.