Селска слава во чест на буковската пипер

НовостиБавни вестиСелска слава во чест на буковската пипер

Сподели

Пиперката во селото Буково, во минатото за поголем дел од населението значела егзистенција. Денес, одгледувањето на оваа култура воопшто не е лесна работа која бара доста труд и вложување во самиот процес, додека пак запазувањето на традиционалните техники и навики во едно вакво модерно време е за поздравување. Ако пред 50тина години во селото немаше куќа, која во овој период од годината не беше украсена со низи на пиперки, денес останаа само уште 15тина од кои 11 се здружени во Президиумот Буково.

После неколку години работа на Слоу Фуд во Буково, поддршката од страна на ГЕФ Програмата за мали грантови и учеството на повеќе експерти кои се соочија со многубројни прашања и проблеми за решавање, им го покажаа правиот пат на производителите, па буковската пипер за неколку години стана претпознатлив бренд, препознатлива на локални и меѓународни саеми, барана на домашниот пазар.

Но, она што по вторпат побудува интерес за посета на Буково е настанот, кој се организира во нејзина чест. „Вкусовите на Буково“ е настан кој е на пат да прерасне во традиционален настан кој ќе се одржува секоја година во организација на локалното здружение на производители „Президиум Буково“. Како и минатата година така и оваа, акцентот беше ставен на традиционалните специјалитети во кои буковската пипер имаше главна улога. Тука не важеше она „не се мешај како пипер во секоја манџа“. Јадењата приготвени од страна на домаќините кои поголемиот број се дел и од президиумот буквално во секое јадење има ставено пиперка, без разлика дали сушена, свежа или зачин. Богата трпеза ги пречека гостите, кои имаа можност да ги вкусат локалните специјалитети. „Извинете, ама премногу вкусно изгледаат за да бидат само гледани“ беше нивната реакција. Полнети пиперки, суви пиперки со лук, салати со пиперки и кромид, беа меѓу специјалитетите кои беа понудени од страна на домаќините.

Она што беше новитет оваа година од минатата беше поставувањето на „Пазар на фармери“. На овој пазар беа поставени домашни производи од локалните производители: низи суви пиперки, домати, тикви, праз, јаболка, магдонос … се што е карактеристично за овој есенски период, на кој посетителите имаа можност да купат и понесат дома.

Штандот за дегустација на пипер беше исто така новост за посетителите. Посетителите имаа можност да дегустираат буковска пипер од неколку производители, пипер со нане, пипер со сол, а имаа можност и сензорно да го оценуваат квалитетот на пиперта. Сите имаа можност да гласаат што е она што тие најмногу го сакаат во нивните кујни.

Едукацијата за деца и тука не беше исклучена. Препознавање на локалниот биодиверзитет, карактеристиките на буковската пиперка, беа само дел од активностите кои се одвиваа во овој едукативен дел.

Воспоставена е нова традиција и селска слава во чест на буковската пипер. Нека ни е за многу години!

Текст и фото кредит © Анита Главевска

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...