Хедонизам и пост

0

Се доловувам себеси во момент на чудење. Притоа седнати сме на два прекрасни камења, со плочеста форма и извонредно хоризонтална површина од горната страна. Чиниш камена маса исклесана од природата, трпеза поставена под штотуку разеленетото дрво. А на трпезата: марула, алабаш, некаква салата со јаболко, магдонос и жито, два добри леба и козјо сирење од фармата која штотуку ја посетивме. Секако и десерт, неколку јаболчиња и кифла од утрото, втората која ми остана од двете. Ах да, имаме и за пиење се разбира, вода во стаклени шишиња. Но, не ми се допаѓа ваквиот опис. Ќе почнам oдново…

Имаме марула, малечка но убава, без никакви додатоци кои треба да ја збогатат. Без масло, сол, оцет… сама со сопствените сокови. Имаме алабаш, мал, сочен и благ и со отсечена една третина. Веројатно некој не успеал да му одолее утрото. Имаме и салата и велам некаква бидејќи девојката која ја подготви го употреби единствено нејзиното шесто француско сетило за естетика и баланс, но не и конкретен рецепт. Затоа салатата останува да биде „некаква“, со некаков посебен вкус, со некаков добар мирис и со некаква убава блажина која од јаболкото се прелева врз житарицата налепкана со магдонос и други зачини. Потоа, на моја среќа имаме и два убави леба, кои за мене како типична македонка се неизоставен дел од оброкот. Лебовите имаат своја тежина, а јас автоматски си го преведувам тоа како недостаток на адитиви и тоа особено ме радува. И тука некаде е и сирењето од козите на кои им завидувам бидејќи речиси цела година се напасуваат на отворено и уживаат под сонцето, а само два месеци се делумно затворени во шталата која пак е светла и чиста на завидно ниво. Сирењето е всушност „сиренце“ од аспект на големината од 5-6 см во дијаметар, а „сиренцето“ е сирење од аспект на квалитет, вкус и арома.

Седнати така, јас и трите французинки, гледаме да завршиме со јадење час поскоро, бидејќи уште пред да седнеме беше утврдено дека немаме многу време. Јас не го гледам часoвникот бидејќи сум гостинка и од домаќинките зависи агендата. Ни тие не погледнуваат во часовникот бидејќи е време за јадење и тоа не зависи од ништо. Полека но сигурно работите од нашата трпеза се намалуваат, се трансформираат во други облици и полека но сигурно ги снемува. Остануваат неколку лушпи од коренестиот зеленчук кои ги фрламе во тревата, и две хартивчиња кои ќе ги фрлеме во првата канта за хартија, од каде пак ќе заминат на рециклирање. Стаклените шишиња секако ќе ги наполнeме повторно, бидејќи водата ја испивме поттурнувајќи ги јаболчињата и преслатката кифла со ананас. И зачудувачки, но со толку малку храна сите сме сити, а цело време се грижев дали ќе ми престане со работа стомачниот оркестар. Но, чудењето ми доаѓа од друго место.

Имено, во Франција пристигнав на Велики Петок. Најстрогиот ден за пост во православното христијанство. Ја напуштив мојата држава во момент кога сите мисли и енергија беа насочени кон тоа колку брзо поминале Великите пости и како на прагот е уште еден Велигден, уште една година, уште еден собир со семејството. И мојата енергија и мисли се надоврзуваа на нивните. Дури и мислите на оние кои не постат ротираа околу тоа што е Велики петок и што треба да се јаде. Можеби повеќе поради гравот кој им го послужиле само со малку зачин, отколку поради приврзаноста за празникот кој доаѓа. И можеби повеќе поради делумниот глад кој зад себе го остава посната храна, а кој пак ги тера оние кои ја јадат да се преиспитуваат за вредноста на животот, на работите кои не опкружуваат… за самото постоење. А накратко во тоа се состои улогата на постот. Телесниот пост преку храната, да те наведе на духовен пост, а скротувањето на сопствените телесни и духовни желби, да ти биде клучот со кој одново и одново ќе ја преиспиташ и согледаш својата улога на планетата Земја.

И тука веќе доаѓа и големото чудење. Како две, навидум толку различни работи и со официјално различна цел и примена, успеале да го постигнат истиот ефект? Како хедонизмот кој накратко можеме да го преведеме како уживање, задоволство само за себе, исполнување на сопствените желби, наспроти постот кој е токму спротивното успеал да им всади на овие луѓе толкаво почитување кон природата, ценење на нештата кои отсекогаш ги имале во изобилие и радост за малите работи како што е еден залак? Одговорот не го најдов. Можеби треба да ги прашаме Французите. Можеби треба да се прашаме самите. Во секој случај јасно се потврдува дека почитувањето и ценењето на храната во чинијата пред нас, секогаш ќе не одведе поддалеку од само полн стомак.

За да никој не помисли дека случајно сум имала само еден убав пикник ќе додадам, менито во рестораните им е доволно разновидно и вклучува толку локални и сезонски производи што наместо преведувач, во суштина ви треба толкувач. Или како освен со „мерси“ ви возвраќаат на понудените гризини во шушкава фолија. Одговорот е: со лешници и мајчина душица кои се чуваат во хартиена кесичка.
И на крај можеби сите треба да се зачудиме и запрашаме зошто токму храната е главниот носител на вакво планетарно прашање.

Текст: Елена Каровска, програмски координатор во Слоу Фуд Македонија
Фото кредит © Елена Каровска